Печати
PDF

Индекси на активна транспарентност

on .

Индекс на активна транспарентност 2020

Индекс на активна транспарентност 2019

Индекс на активна транспарентност 2018

Индекс на активна транспарентност 2017

Индекс на активна транспарентност 2016

Под ’активна транспарентност’ се подразбира објавувањето на информации на сопствена иницијатива на институциите, без притоа за тие информации некој да има доставено до нив официјално барање за слободен пристап.

Спротивно, во случаите кога до институцијата се доставува барање за одредена информација, станува збор за ’реактивна транспарентност’.

Потребата од проактивното објавување на информации произлегува оттаму што на тој начин се обелоденуваат:

  • информации за регулативата и за одлуките на властите со што се остварува правото на граѓаните да бидат информирани за своите права и обврски во општеството;
  • информации коишто им се потребни на граѓаните за да бараат одговорност од властите;
  • информации коишто им се неопходни на граѓаните за да можат да учествуваат во процесот на донесување на одлуки и
  • информации коишто им се потребни на граѓаните за да можат да пристапуваат кон услугите што ги нудат јавните институции.

И самата институција која што објавува информации на проактивна основа остварува користи по неколку основи. Прво, активната транспарентност ѝ помага на институцијата да биде поодговорна во трошењето на јавните пари. Второ, на тај начин институцијата ги промовира принципите на добро владеење и интегритет. Трето, институцијата е поефикасна бидејќи подобро управува со информациите со коишто располага.

Се чини дека развојот на техниката и технологиите одат рака под рака и ја помагаат активната транспарентност на институциите бидејќи начините за дистрибуција на информациите кои ги поседуваат институциите, а кои се од корист за граѓаните се побројни и полесно достапни.

Законската основа за активната транспарентност на институциите се наоѓа во Законот за слободен пристап до информациите од јаве карактер. Овој закон, освен што пропишува обврска до институциите да одговорат на барањата за пристап до информации од јавен карактер, содржи и одредби за проактивно објавување на информации, односно за самостојно објавување информации.

Натаму, низа други закони пропишуваат обврски на институциите да објавуваат информации врз проактивна основа. Станува збор за одредби во Законот за локалната самоуправа, Законот за буџетите, Законот за јавен долг, Законот за финансирање на единиците на локална самоуправа и др.

Освен од регулативата, активната транспарентност произлегува и од практиката. Се смета за добра практика во светот кога една институција ги прави достапни до сите граѓани одговорите на прашањата што почесто ги добива во форма на барања за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Доброволно објавените информации им помагаат на граѓанските организации и на истражувачките новинари да изработуваат и објавуваат истражувања кои им помагаат на граѓаните подобро да го разберат функционирањето на институциите, своите права и обврски, начинот на којшто можат да влијаат врз донесувањето на одлуките кои се рефлектираат врз нивното секојдневно живеење и работење, како и полесно да им пристапат на услугите што им ги нуди државата.

Во принцип, една институција може проактивно да ги објави сите информации со кои располага, освен оние за кои во законот постојат исклучоци.

Активната транспарентност е релативно нов поим во светот. Оттука, не постојат ниту некои пропишани стандарди за тоа – кои сè информации, освен оние пропишани со закон, институциите треба да ги објавуваат.

Сепак, анализата на практиката од многу земји упатува на некои „минимум“ информации кои една институција треба да ги објавува како дел од активната транспарентност. Токму врз основа на тие информации е изработен и прашалникот како дел од оваа методологија според кој ќе се прави истражувањето на институциите врз основа на што, потоа, ќе се изврши рангирање на институциите и ќе се изработи т.н. индекс на активна транспарентност.

Кога објавуваат проактивно одредени информации институциите треба да се раководат од тоа начинот на којшто ги објавуваат информациите да биде исплатлив и ефективен, односно да биде лесно доставен за најширок круг на граѓани. Исто така, искрената активна транспарентност подразбра институцијата да ги информира граѓаните и заинтересираните страни за објавените информации и да го поттикнува пристапот до нив и нивното користење.

Проактивно објавените информации треба да бидат лесно достапни и разбирливи, да можат да се употребат, да бидат релевантни (во соработка со граѓанските организации и новинарите може да се провери кои се релевантни информации) и да се ажурираат редовно.

Идејата на ова истражување и на рангирањето на институциите во Индексот на активната транспарентност е да им се помогне на институциите околу тоа кои информации треба да ги објавуваат и да се поттикнат да ги објавуваат тие информации.