Истражување на капацитетите на инспекциските служби во општините
Целта на истражувањето е согледување на состојбите со инспекцискиот надзор во единиците на локална самоуправа. Истражувањето е поттикнато од ризиците од корупција поврзани со инспекцискиот надзор кои ја наметнуваат неопходноста од анализирање на постоечките практики, детектирање на проблемите и изготвување соодветни препораки со цел зголемување на транспарентноста и интегритетот на овие процедури.
Ова истражување е спроведено во осум таргетирани општини (Битола, Кичево, Куманово, Неготино, Тетово, Струмица, Чаир и Штип), но мора да се нагласи дека Општина Неготино, и покрај сите напори за обезбедување на соодветните податоци, остана нереспонзивна и не е вклучена во истражувањето од едноставна причина што од општината не одговорија на барањето за слободен пристап до информации од јавен карактер и податоците кои се предмет на истражувањето останаа необелоденети.
Истражувањето ги откри следниве клучни наоди:
• Во секоја од анализираните општини се забележува нецелосна пополнетост на работните места во секторите за инспекциски надзор, која кај некои од општините оди и дотаму што недостасува и половина од предвидениот кадар во соодветната организациска единица – инспекциска служба, а некаде се празни и дел од раководните места.
• Ниту една од општините нема изготвено Методологија за проценка на ризик.
• Само две од општините ја почитуваат законската обврска за изготвување полугодишни извештаи за работата на инспекциската служба во рамките на општината и нивно објавување на веб-страницата.
• Воочени се големи разлики помеѓу општините во однос на бројот на издадени опомени и решенија од страна на инспекциските служби, со тоа што кај некои општини на годишно ниво се изречени над 1.000, а во некои ниту една опомена или решение. Оваа состојба поттикнува сомнежи за неефикасност на службите и корупција.
• Особено загрижува фактот што ниту една од општините нема донесено антикорупциска програма за инспекциската служба, ниту пак интерна процедура за спречување на судирот на интереси.
• Бројот на спроведените инспекциски надзори во општините од страна на Државниот управен инспекторат варира од општина до општина, а постојат општини каде што надзорот не е спроведен во подолг временски период.
• Општините кои биле предмет на надзор од страна на Државниот управен инспекторат не ги обелоденуваат наодите на инспекторатот на своите веб- страници.
Истражувањето е изготвено во рамките на проектот „Заштита од корупција“, со финансиска помош од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје, имплементиран од Центарот за граѓански комуникации, во периодот од 1 ноември 2021 година до 31 октомври 2024 година.
Истражувањето на македонски јазик може да се симне на овој линк.
Истражувањето на албански јазик може да се симне на овој линк.
Истражувањето на англиски јазик може да се симне на овој линк.