Печати
PDF

675 илјади евра за новогодишното украсување низ земјава

on .

Денеска, 15 јануари 2020 година, Центарот за граѓански комуникации ја објави базата на податоци за сите тендери на локалните власти за новогодишно украсување за дочекот на 2020 година. Базата на податоци открива дека Новата 2020 година украсено ја дочекаа Градот Скопје и 20 општини и за тоа се потрошени 675 илјади евра. Споредено со претходната година намален е бројот на општини што се украсени, но е зголемена вредноста на тендерите.

Дури 91 % од парите за украсување на улиците и плоштадите за дочекот на Новата 2020 година завршуваат кај две скопски фирми, Линк Медиа Плус и Метал-Ват-Ел.

Печати
PDF

Најнов извештај од мониторингот на јавните набавки

on .

СТАРИТЕ НАВКИ – ПОСИЛНИ ОД НОВИОТ ЗАКОН ЗА ЈАВНИТЕ НАБАВКИ

Денес, 30 декември 2019 година, Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) го објави Извештајот од мониторингот на јавните набавки за периодот јануари-јуни 2019 година, каде се констатирани следниве клучни наоди:

-Старите навики се посилни од новиот Закон за јавните набавки. ’Најниската ценаʻ и електронската аукција остануваат неприкосновени и во првите месеци од примената на Законот.

-Конкуренцијата во јавните набавки во првото полугодие од 2019 година е влошена во однос на претходните две години. Просечниот број понуди на мониторираниот примерок изнесува само 2,74, а во дури 35 % од мониторираните тендери е добиена само една понуда.

-Институциите најчесто не ја наведуваат проценетата вредност на тендерот во огласите за јавни набавки, што е во согласност со новините на Законот. Но, постојат многу  случаи во кои понудените цени се симптоматично блиску до проценетата вредност, која понудувачите инаку не можеле да ја видат во тендерската документација.

-Секој четврти тендер (25,8 %) е целосно или делумно поништен. Покрај вообичаените законски основи за поништување, додадена е и можноста тендерот да се поништи според инструкција од Бирото за јавни набавки, а по спроведена управна контрола.

-Во првото полугодие од 2019 година, преку нетранспарентната постапка со преговарање без објавување оглас, склучени се договори во вредност од 9,6 милиони евра, што е за 11 % помалку од истиот период лани.

Печати
PDF

Извештај во сенка за јавните набавки 2019

on .

По критиките што доаѓаа од сите засегнати страни – стариот и нефункционален Закон за јавните набавки, што се применуваше од 2008 година и којшто многупати беше менуван и дополнуван – конечно беше заменет со целосно нов Закон, којшто беше донесен во јануари 2019 година, а почна да се применува од 1 април 2019 година.

Со новиот Закон за јавните набавки, освен хармонизацијата со Директивата на ЕУ за јавните набавки од 2014 година, се направи обид и за „поправање“ на низата проблеми во системот на јавни набавки на Северна Македонија.

Главно, се сменија двата проблеми кои беа посочувани од сите вклучени страни како најголеми во стариот закон, а тоа се најниската цена како единствен критериум за доделување на тендерите и задолжителната електронска аукција. Покрај најниската цена, се воведоа и други елементи за избор, а е-аукцијата стана опционална, со идеја да се користи онаму каде што има стандарден и воедначен квалитет и е логично изборот да се прави врз основа на цената.

Со новиот Закон се воведе и т.н. управна контрола што ја спроведува Бирото за јавни набавки, и тоа задолжително на тендерите над 500.000 евра за стоки и услуги и на оние над 2.000.000 евра за работи; врз основа на проценка на ризици и по случаен избор на тендери.

Генерално, со новиот Закон се либерализираа јавните набавки и се воведоа нови можности за договорните органи да го набават тоа што навистина им треба, добивајќи притоа најдобра вредност за потрошените пари. И со Законот, но и претходно, се воведоа низа мерки за зголемување на транспарентноста во јавни набавки.

Сепак, следењето на спроведувањето на јавните набавки во првите седум месеци од примената на новиот Закон покажува дека набавките сè уште се спроведуваат според старата и лоша практика, односно како ништо да не се променило.