Резултати од мониторингот на јавните набавки во Македонија
СКОПЈЕ, 4 септември 2014 година – Центарот за граѓански комуникации денеска ги објави резултатите од мониторингот на постапките за јавни набавки во Македонија, кој го опфаќа периодот од април до јуни 2014 година. Некои од клучните наоди се:
-
Сопрен е неколкугодишниот пад на бројот на жалбите доставени од фирмите до Државната комисија за жалби по јавни набавки (ДКЖЈН). Во првото полугодие од 2014 година се доставени 330 жалби што претставува зголемување за 13,4% во однос на истиот период лани. Воедно, за првпат по неколку години, во донесените решенија на ДКЖЈН доминираат одлуки за прифаќање на жалбите.
-
Голем дел од фирмите кои учествуваат на тендерите не успеваат со своите понуди да стигнат до фазата на евалуација. Притоа, причини за отфрлањето на нивните понуди се административни пропусти, како и неисполнување на поставените услови во тендерската документација.
-
Новите законски решенија кои стапија на сила од јануари 2014 година ги дадоа очекуваните резултати во однос на намалување на преговарањата без претходно објавување на оглас, но сè уште се неефикасни во однос на намалување на поништувањата. Во вториот квартал од 2014 година со преговарање се склучени договори во вредност од 10,5 милиони евра, а поништени се 22,4% од огласените тендери.
-
Конкуренцијата на тендерите и натаму не е на задоволително ниво. Електронска аукција беше одржана во 47% од постапките во мониторираниот примерок.
Извештајот од мониторингот може да се преземе овде. За повеќе информации, ве молиме, контактирајте го Центарот за граѓански комуникации на (02) 3213-513 или на Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите .
БЕЛЕШКА ДО УРЕДНИЦИТЕ:
Проектот на УСАИД за граѓанско општество е спроведуван од Фондацијата Отворено општество – Македонија во партнерство со: Центар за граѓански комуникации; Младински образовен форум; Реактор – Истражување во акција и Форум – Центар за стратегиски истражувања и документација.
Од 1993 година, американскиот народ преку УСАИД инвестираше во Македонија над 500 милиони долари. УСАИД соработува со народот во Македонија со цел да се отворат работни места, да се зајакнат демократските институции и практики, да се зајакне интегрираното образование и студентите да се подготват за пазарот на трудот. Ваквите иницијативи го подобруваат квалитетот на животот и ја поддржуваат транзицијата на Македонија кон стабилна и просперитетна демократија. УСАИД обезбедува економска и хуманитарна помош во повеќе од 100 земји. Повеќе информации на macedonia.usaid.gov или на Фејсбук-страницата www.facebook.com/USAIDMacedonia.