Мерки за стеснување на просторот за корупција во јавните претпријатија и установи во Р. Македонија
1. Менаџерите на јавните претпријатија и установи задолжително да се избираат преку јавен конкурс и според нивните стручни квалификации и компетентност;
2. Доследно да се применува и почитува институцијата менаџерски договор во кој точно ќе се наведат правата, обврските и одговорностите во работењето на менаџерите;
3. Да се предвидат подетални услови и критериуми што треба да се исполнат за едно лице да биде именувано или избрано за член на органите на управување во јавните претпријатија и установи;
4. Да се предвиди законска обврска со која одлуките за именување на членови на органите на управување на јавните претпријатија и установи (директори, управни одбори, надзорни одбори, одбори за контрола на материјално-фанансиското работење) задолжително ќе содржат целосни податоци за идентификација и за потврда на стручноста и компетентноста на тие членови (назив и адреса на органот во кој се избрани, именувани или вработени, адреса на живеење, стручна подготовка, работно искуство и сл.);
5. Да се предвиди законска обврска за задолжително јавно објавување на податоците за идентификација и потврда на стручноста и компетентноста на членовите на органите на управување на јавните претпријатија и установи;
6. Да се воведе регистар за лицата кои се именувани или избрани за членови во органите на управување на јавните претпријатија и установи;
7. Да се воведе задолжително примопредавање на функциите при секоја промена на директорите на јавните претпријатија и установи;
8. Да се намали законски препорачаниот број на членови на управните одбори на јавните претпријатија од сегашните 5 до 15 членови на 3 до 5 членови;
9. Доследно да се почитува законската одредба за потребните квалификации што треба да ги имаат лицата кои се именуваат за членови на одборите за контрола на материјално-финансиското работење во јавните претпријатија;
10. Во составите на управните одбори да се почитуваат основите на социјалното партнерство (да има членови од вработените и синдикатот);
11. Во сите јавни претпријатија и установи да се воведе и применува систем на вреднување и професионално напредување или деградирење врз основа на резултатите од работењето;
12. Да се пропишат јасни процедури за вработување во јавните претпријатија и установи и истите доследно да се почитуваат;
13. Да се воведе законска обврска членовите на органите на управување на јавните претпријатија и установи да пријавуваат до Државната комисија за спречување на корупцијата постоење на конфликт на интереси (воспоставени деловни односи со претпријатието или установата, учество на јавни набавки и сл.), како и роднински и блиски пријателски врски со функционери од извршната и законодавната власт;
14. Да се предвидат законски одредби за обезбедување на поголема отчетност и одговорност на членовите на органите на управување на јавните претпријатија и установи;
15. Да се поврзе одговорноста на членовите на органите на управување на јавните претпријатија и установи со извештаите на Државниот завод за ревизија;
16. Секаде кадешто се донесуваат одлуки врз основа на дискрециони права, јасно да се пропишат правата, обврските и процедурите;
17. Да се спроведат анти-корупциски обуки за вработените во јавните претпријатија и установи;
18. Доследно да се почитува законската одредба во јавна установа да не мора да се формира управен одбор, туку со неа да управува директор (менаџер) кој ќе се избере на јавен конкурс,
19. Да се донесе единствен Закон за фондови, наместо регулирање на одделните фондови со посебни закони (lex specialis).