Конкуренцијата на тендерите останува ниска
СКОПЈЕ, 10 декември 2015 година – Центарот за граѓански комуникации денеска ги објави резултатите од мониторингот на постапките за јавни набавки во Македонија кој го опфаќа првото полугодие од 2015 година. Некои од клучните наоди од мониторингот на постапките за јавни набавки се:
- Ниското ниво на конкуренција, со што се доведува во прашање ефективноста во трошењето на јавните пари, останува обележје на тендерите и во првата половина од 2015 година. Советот за јавни набавки, основан за да ја зголеми конкуренцијата, досега не даде резултати.
- До Советот за јавни набавки во првото полугодие од годинава се доставени 10.362 барања за согласност, што ги чинело институциите дури 74,3 милиони денари односно 1,2 милиони евра.
- Воведената контрола ги дисциплинираше институциите и ги принуди да го намалат користењето на нетранспарентната постапка со преговарање без претходно објавување на оглас. Во првото полугодие од 2015 година вредноста на овие договори изнесува околу 11,5 милиони евра и е за 61,4% помала од истиот период лани.
- Во првото полугодие од 2015 година поништени се 18,5% од огласените тендери. Со ова е забележан благ пад на бројот на поништувања на тендерите во однос на претходните периоди.
- Во првото полугодие од годинава фирмите доставиле најмал број на жалби во изминатите неколку години. Вкупно до Државна комисија за жалби по јавни набавки (ДКЖЈН) се доставени 252 жалби што е за дури 23,6% помалку од истиот период лани. Повеќе од половина од жалбите се доставени од фирми кои ги оспоруваат донесените одлуки за избор на најповолна понуда во тендерите. Извештајот од мониторингот е достапен овде. За повеќе информации, ве молиме, контактирајте го Центарот за граѓански комуникации на (02) 3213-513 или на Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите .
Проектот на УСАИД за граѓанско општество е спроведуван од Фондацијата Отворено општество – Македонија во партнерство со: Центар за граѓански комуникации; Младински образовен форум; Реактор – Истражување во акција и Форум – Центар за стратегиски истражувања и документација.