Печати
PDF

Јавни набавки во време на корона

on .

Имајќи ја предвид новонастаната состојба со новиот коронавирус Covid-19 и прогласената вонредна состојба во земјава, се укажува потреба од серија непланирани јавни набавки на стоки, услуги и работи поврзани со заштита и превенција на ширењето на заразата од новиот коронавирус Covid-19. Со оглед на сериозноста на ситуацијата и прогласената вонредна состојба во земјата, а согласно членот 55 став (1) г од Законот за јавните набавки (Сл. весник на РМ 24/19), овие набавки се спроведуваат според постапката со преговарање без објавување оглас. Исто така, иако за набавките што се спроведуваат со постапката со преговарање без објавување оглас треба да се добие претходно мислење од Бирото за јавни набавки, овие набавки можат да се спроведуваат директно, без претходно обезбедено такво мислење од Бирото за јавни набавки.

Поради сево ова, а имајќи предвид дека постапката со преговарање без оглас и онака е најмалку транспарентна постапка, а во тие рамки итните набавки со себе носат уште поголем ризик од корупција поради брзината со која се спроведуваат и фокусот на јавноста на други прашања, уште повеќе се наметнува потребата од засилен мониторинг на спроведувањето на овие набавки. Ова уште повеќе поради и онака ограничените ресурси во земјава, како и потребата секој денар јавни пари да биде искористен на најрационален можен начин.

Поради сево ова Центарот за граѓански комуникации спроведува вонреден „мониторинг и истражување на итните јавни набавки поврзани со коронавирусот“ бидејќи особено е важно во вакви услови секој денар јавни пари да биде наменски и рационално поврзан, а во услови на брзање и криза се зголемува ризикот од можни грешки и злоупотреби.

Печати
PDF

База на податоци: Пожарникари и противпожарни возила 2020

on .

ИМАМЕ 536 ПОЖАРНИКАРИ ПОМАЛКУ ОД ЗАКОНСКИ ПОТРЕБНИТЕ

Денеска, 17 февруари 2020 година, Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) ги објави истражувањето и базата на податоци за бројот на пожарникари и за возилата на сите 30 територијални противпожарни единици во земјава заклучно со 31 декември 2019 година. Истражувањето открива дека на 30-те територијални противпожарни единици во земјава им недостигаат 536 пожарникари за да имаат барем толку вработени колку што е законски пропишаниот минимум. Само четири од 30 единици имаат повеќе пожарникари од законскиот минимум (и тоа само по еден или двајца), додека шест единици имаат колку минимумот.

Најмногу пожарникари, повеќе од 200, му недостигаат на Скопје. Следуваат Тетово, каде недостигаат 65 пожарникари и Гостивар со 52 пожарникари помалку од законски предвидените. Во Куманово недостигаат 49 пожарникари, во Битола има кусок од 32, а во соседен Прилеп од 26 пожарникари.

Кога станува збор за возилата, противпожарните единици располагаат вкупно со 241 возило, каде спаѓаат не само возилата за гасење пожар и цистерните за вода, туку и сите други возила на противпожарните екипи. Просечната старост на возилата е 28 години и 68 % од нив се од минатиот век. За споредба, според истражувањето од пред точно една година, бројот на возила изнесуваше 220, просечно стари 27 години. Исто така, последното истражување на возилата на министерствата и општините покажа дека нивната старост, пак, е 12,5 години.

Печати
PDF

675 илјади евра за новогодишното украсување низ земјава

on .

Денеска, 15 јануари 2020 година, Центарот за граѓански комуникации ја објави базата на податоци за сите тендери на локалните власти за новогодишно украсување за дочекот на 2020 година. Базата на податоци открива дека Новата 2020 година украсено ја дочекаа Градот Скопје и 20 општини и за тоа се потрошени 675 илјади евра. Споредено со претходната година намален е бројот на општини што се украсени, но е зголемена вредноста на тендерите.

Дури 91 % од парите за украсување на улиците и плоштадите за дочекот на Новата 2020 година завршуваат кај две скопски фирми, Линк Медиа Плус и Метал-Ват-Ел.