База на податоци и истражување
Општинските советници чинат 3,5 милиони евра годишно
Денес, 13 јануари 2021 година, Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) ги објави истражувањето и базата на податоци на месечните паушали што им се исплаќаат на општинските советници и претседателите на советите на општините.
Вкупната годишна сума што им се исплатува на 1319-те советници и претседатели на совети изнесува повеќе од 215 милиони денари или нешто над 3,5 милиони евра. Висината на месечниот надомест зависи од бројот на жители во општината и е определен како процент од просечната плата во земјава. Претседателите добиваат 30 % повисок паушал од советниците. Услов за да се исплати паушалот е во месецот да биде одржана барем една седница.
Најголем месечен паушал од една просечна плата од 24 илјади денари добиваат советниците на Град Скопје, но тие одржуваат и најмногу седници во текот на месецот. Од другите општини, највисоко платени се советниците во Кичево кои земаат 19 илјади денари месечно, а најмалку платени се советниците во Вевчани кои земаат малку помалку од 5 илјади денари месечно. Само 12 општини исплатуваат понизок месечен надомест од законскиот максимум, а 15 општини одат дури и над тој лимит.
Најмногу седници годишно одржува Град Скопје, лани дури 27, а најмалку 6 одржале во Центар Жупа. Просечно, општинските совети одржувале по 15 седници годишно.