Зa новогодишно украсување потрошени 615 илјади евра
Денеска, 5 февруари 2019 година, Центарот за граѓански комуникации ја објави базата на податоци за сите тендери на локалните власти за новогодишно украсување за дочекот на 2019 година. Базата на податоци открива дека за дочекот на Новата 2019 година се украсија повеќе општини и се потрошија повеќе пари од лани. Локалните власти склучија договори за новогодишно украсување во вкупна вредност од околу 615 илјади евра. Најголем дел од парите завршија кај скопската фирма Линк Медиа Плус која за два договори (со Градот Скопје и со Општина Струмица) ќе добие над 300 илјади евра, а најголем број на договори и тоа дури 11 во вкупна вредност од 185 илјада евра добила фирмата Метал-Вет-Ел од Скопје.
Базата на податоци дава преглед на трошоците за новогодишно украсување во период од 4 години и овозможува споредба дали одредена општина го зголемила или намалила овој трошок. Податоците од оваа база се ставаат на располагање во отворен формат за служат како основа за натамошно користење и истражување.
Оваа база на податоци е дел од предвидените десет истражувања и бази на податоци за трошењето на јавните пари кои ќе се реализираат во рамките на проектот Јавно трошење за јавно добро, поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Целта на проектот што го спроведува ЦГК е зголемување на ефективноста на јавното трошење преку намалување на корупцијата и зголемување на транспарентноста.
Документ за јавни политики: (Не)функционирањето на системот за спречување на корупцијата во јавните набавки во Македонија
Тендерите, како што популарно се нарекуваат јавните набавки, се област која е една од најподложните, ако не и најподложна на корупција. Токму поради ова, како во многу други земји така и во Македонија, мноштво институции во системот имаат, барем онака како што е поставено и правно регулирано, одредена улога во борбата против корупцијата во јавните набавки. Но, како и во многу други области така и овде, тој систем генерално не функционира. Документот ја анализира улогата на секоја од вклучените институции во системот и предлага мерки за поефикасна борба против корупцијата во јавните набавки.
Ниска транспарентност на претпријатијата во државна сопственост
Скопје, 30.01.2019-Центарот за граѓански комуникации го објави истражувањето Транспарентност и отчетност на претпријатијата во државна сопственост, во кое клучни наоди се:
- Просечното ниво на транспарентност и отчетност на претпријатијата во државна сопственост, односно исполнувањето на законските обврски и добрите стандарди, изнесува само 28% од можни 100%.
- Ниту едно од 30-те најголеми претпријатија во државна сопственост, чии вкупни годишни приходи надминуваат 700 милиони евра, нема високо или солидно ниво на транспарентност (исполнување на обврските над 60%).
- Исполнети се услови за разрешување на 18 директори на јавни претпријатија, од кои 6 основани од Владата, а 12 од локалните власти, поради необјавување извештаи од работењето.
- Претпријатијата основани од Владата имаат просечно ниво на транспарентност од 31%, а претпријатијата основани од општините 27%.
- На врвот на ранг-листата со највисоко ниво на исполнување на обврските, и тоа од само 52%, е ЈП за државни патишта, а на дното со 0% се наоѓа АД Градски трговски центар.
- Речиси половина од претпријатијата ги немаат објавено ниту имињата на членовите на управните и на надзорните одбори. Ниту едно претпријатие основано од Владата или од општините не објавува информации за седниците на управните одбори.
- Обврската за задолжително објавување на плановите за јавни набавки со сите измени и дополнувања не ја почитуваат дури 67% од претпријатијата.
Истражувањето е достапно и на opendata.mk. За повеќе информации, ве молиме контактирајте го Центарот за граѓански комуникации. Истражувањето е спроведено во рамките на проектот „Засилување на интегритетот и намалување на корупцијата во државниот и во приватниот бизнис-сектор“, финансиран од Европската Унија.