Извештај во сенка за јавните набавки: Меѓу старото и новото
Извештај од мониторингот на јавните набавки на локално ниво
Многу ниска конкуренција на локалните тендери
СКОПЈЕ, 26 јуни 2018 година – Центарот за граѓански комуникации денеска ги објави резултатите од редовниот мониторинг на постапките за јавни набавки спроведени од институции на локално ниво во периодот април-септември 2017 год., којшто ги покажа следниве главни констатации:
» Ниската конкуренција на локалните тендери и натаму продолжува да се движи под три понудувачи, што се смета за минимум конкуренција. На мониторираните тендери имало просечно по 2,8 понудувачи. Она што дополнително загрижува е зголемениот процент на тендери со една или ниту една понуда, којшто скокна дури на 40% во мониторираниот период, највисоко ниво во последните 3 години.
» Процентот на поништени постапки за јавни набавки во мониторираниот примерок скокна на 20%, достигнувајќи ја повторно највисоката граница во последните пет години. Во дури 50% од поништените постапки, причина за поништување било немањето ниту една понуда.
» Електронската аукција се одржала само во 58% од мониторираните тендери. Таа е успешна само кај набавките со поголема конкуренција, додека во другите е само формална и често изгледа како фирмите да се договараат како ќе настапат на аукцијата.
» Како во ниту еден друг период порано, во текот на овој мониториран период податоците побарани преку правото на слободен пристап до информации од јавен карактер во дури 28% од тендерите се обезбедени по пат на жалба до Комисијата за заштита на ова право.
Извештајот од мониторингот е достапен тука. За повеќе информации, ве молиме, контактирајте го Центарот за граѓански комуникации на (02) 3213-513 или на Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите .
Проактивното објавување јавни информации останува на ниско ниво
Скопје, 21 јуни 2018 година - Центарот за граѓански комуникации денеска го објави Индексот на активна транспарентност за 2018 година, што значи објавување јавни информации на сопствена иницијатива на институциите. Истражувањето и рангирањето ги опфаќаат сите 81 општина и градот Скопје, 15-те министерства и Владата на РМ. Процентот на исполнетост на обврските за објавување на јавни информации на сите 97 вклучени институции изнесува 43,5% (од можни 100%).
Ова значи дека општото ниво на активната транспарентност во Македонија во 2018 година се задржа на ниско ниво. Степенот на активна транспарентност во 2018 година е незначително зголемен во однос на 2017 година (кога просечно изнесуваше 42,5%).
Законската основа за активната транспарентност на институциите се наоѓа пред сè во Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер, но и во низа други закони како што се Законот за локалната самоуправа, Законот за буџетите, Законот за јавен долг, Законот за финансирање на единиците на локална самоуправа и др. Освен од регулативата, активната транспарентност произлегува и од практиката, односно кога една институција ги прави достапни до сите граѓани одговорите на прашањата што почесто ги добива во форма на барања за слободен пристап до информации од јавен карактер.
За разлика од претходните две години, сега, генерално, министерствата и Владата стојат подобро од општините според нивната активна транспарентност. Општините се наоѓаат на првите 2 места од ранг-листата, но просечниот скор на сите општини заедно е намален од 41% на 39%, додека скорот на министерствата е зголемен од 48% на 66%.
Во однос на одделните области на активната транспарентност – институциите и понатаму објавуваат најмногу информации од областа на пристапот до информации, а најмалку од областа на буџетската и финансиската транспарентност.
Во однос на регионите, според просечните резултати, и годинава најдобро стои Пелагонискиот Регион, а најслабо – Полошкиот.
Истражувањето е спроведено во рамките на Цивика Мобилитас која ја поддржува годишната програмата на Центарот за граѓански комуникации.