Резултати од мониторингот на јавните набавки во Македонија
СКОПЈЕ, 29 април 2015 година – Центарот за граѓански комуникации денеска ги објави резултатите од мониторингот на постапките за јавни набавки во Македонија кој го опфаќа второто полугодие од 2014 година. Некои од клучните наоди од мониторингот на постапките за јавни набавки се:
- Советот за јавни набавки во првите месеци од работата го зголеми административното оптоварување во спроведувањето на тендерите, но не и конкуренцијата. Бројот на понудувачи во второто полугодие од 2014 година е дури намален во однос на првото полугодие.
- До Советот за јавни набавки во второто полугодие од 2014 година се доставени дури 5.725 барања за добивање согласност за спроведување на тендерите. Државните институции побараните согласности ги чинеле околу 600.000 евра.
- Во сите мониторирани тендери е користен критериумот за избор „најниска цена“. Во некои тендери ниските цени преку е-аукција достигнуваа и апсурдно ниско ниво и го доведуваат во прашање квалитетот на набавките.
- Задолжителното барање согласност од Советот за јавни набавки за примена на постапката со преговарање без претходно објавување оглас ги намали овие нетранспарентни договори. На годишно ниво нивниот износ достигна 56 милиони евра.
- Од 612 жалби доставени до Државна комисија за жалби по јавни набавки во 2014 година 109 се од институции кои ги спроведуваат тендерите изјавени против решенија на Советот за јавни набавки. Со само 503 жалби од фирмите во 2014 година продолжи неколкугодишниот тренд на намалување на бројот на жалби од фирмите.