Индекс на активна транспарентност 2017
Општото ниво на активната транспарентност во Македонија во 2017 година е ниско. Процентот на исполнетост на обврските за активно објавување на информациите кај сите 97 вклучени институции изнесува 42,5% (од можни 100%). Степенот на активна транспарентност во 2017 година е намален во однос на 2016 година (кога просечно изнесуваше 45%).
Според градацијата на активната транспарентност, најмногу институции, 35%, има во групата со ’просечна‘ активна транспарентност, а најмалку, 3%, во најдобрата група, онаа со ’многу добра‘ активна транспарентност.
Генерално, општините стојат подобро од министерствата и од Владата според нивната активна транспарентност. Општините се наоѓаат на првите 7 места од ранг-листата, а најдоброто министерство се наоѓа на 8.-то место. Сите 3 институции во најдобрата група, онаа со ’многу добра‘ активна транспарентност, се општини. Сепак, министерствата имаат значително подобар напредок во 2017 г. од општините.
Во однос на одделните области на активната транспарентност – институциите објавуваат најмногу информации од областа на пристапот до информации, а најмалку од областа на буџетската и финансиската транспарентност.
Анализа на резултатите од истражувањето на финансиските трансфери од општините до невладините организации во 2016 година
Со ова истражување се мапираат карактеристиките на процесот на финансирање на невладините организации од буџетската линија 463, се утврдува нивото на транспарентност и отчетност на општините, се детектираат проблемите и слабостите во процесот и се дефинираат препораки за подобрување на веќе востановените практики.
Со ова истражување, за прв пат во Македонија, на едно место се претставени сумарни и поединечни податоци за средствата доделени од општините на невладините организации, листата на добитниците на проектите, како и транспарентноста на целиот процес од објавувањето оглас до реализацијата на проектите. До базата на отворени податоци од истражувањето може да се оди преку следниот линк.