Некои од клучните наоди се:
Договорните органи свесно или несвесно придонесуваат кон отежнато учество на фирмите во постапките за јавни набавки и со тоа, кон намалување на конкуренцијата, што е еден од принципите на јавните набавки. Во 52,5% од мониторираните постапки биле доставени не повеќе од две понуди.
Поставување непропорционални и дискриминаторски критериуми за утврдување на економско-финансиска и техничка способност на понудувачите. Во значаен дел од мониторираните тендери на фирмите им се бараат годишни приходи кои се од 10 до 27 пати поголеми од вредноста на набавката. Со ваквата практика се стеснува конкуренцијата и се елиминираат голем број фирми кои може да ја реализираат набавката.Оние што се релативно нови учесници на пазарот или, пак, немале огромни приходи во изминатите години, а кои ги има во голем број во РМ, се лишени од можноста да достават понуда.
Договорните органи на повеќе или помалку софистициран начин изработуваат технички спецификации кои ја ограничуваат конкуренцијата бидејќи алудираат на конкретен производител или давател на услуги. Во анализираните тендери се утврдени неколку предетално напишани технички спецификации за предмети на набавка, а постојат голем број учесници на пазарот кои би можеле соодветно да ја задоволат потребата на договорниот орган.
Висок е процентот на постапки во кои била закажана, но не се спровела електронска аукција (35%). Кај повеќето од нив не постоеле услови за закажување на е-аукција бидејќи била доставена по една понуда или само една ги исполнила критериумите за квалификација. Неопходен услов за спроведување е-аукции кај постапките за јавни набавки е постоење конкуренција. Креаторите на овој метод на набавки во светски рамки истакнуваат дека тие се ефикасен начин за остварување парични заштеди кај оние предмети на набавки каде што има многу учесници на пазарот и каде што предметот на набавка е хомоген.
Повеќе за извештајот можете да прочитате на следниот линк
За повеќе информации, ве молиме, контактирајте го Центарот за граѓански комуникации на (02) 3213-513 или на center@ccc.org.mk.
Извештајот е изработен во рамките на проектот „Мониторинг на јавните набавки“, што го спроведува Центарот за граѓански комуникации, а е финансиски поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија


