Здруженијата на граѓани и фондации не ја добиваат потребната финансиска поддршка од општинските буџети. Во просек, општините во 2022 година доделиле за здруженијата на граѓани само 0,1 % од своите буџети.
Над 90 % од парите од буџетската ставка 463, наречена Трансфери до невладини организации, се доделени на спортските клубови. Миленици на локалните власти се професионалните спортски клубови, кои во одредени општини добивале и по 1 милион евра годишно.
Со исплатите на средства кон професионалните спортски клубови преку буџетската ставка 463 – Трансфери до невладини организации се создава искривена слика дека поддршката на здруженијата на граѓани на локално ниво е поголема од реалното.
Просечната вредност на доделените средства за здруженија на граѓани изнесува скромни 75 илјади денари (1.227 евра), а за спортските клубови, просечно по 488 илјади денари (7.930 евра).
Најголем дел од парите што се доделени исклучиво на здруженија на граѓани и фондации се за проекти од областа на социјалната заштита, по што следат проекти од областа од културата и на животната средина. Речиси и да нема проекти од областа на доброто владеење, со што се оневозможува здруженијата на граѓани да дадат придонес во борбата против корупцијата и кон зголемување на транспарентноста и отчетноста на локалните власти.
Истражувањето можете да го преземете на македонски, албански и англиски јазик
Ова истражување е изготвено во рамките на проектот „Заштита од корупција“ со финансиска помош од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје.
За повеќе информации, ве молиме, контактирајте го Центарот за граѓански комуникации на (02) 3213-513 или на center@ccc.org.mk.




