Транспарентност, отчетност и интегритет во јавните набавки – 2019 година

Транспарентноста ја унапредува конкуренцијата, ја зголемува ефикасноста на потрошените средства и ги намалува заканите од корупција.
11.11.20195124

Транспарентноста е општоприфатен основен принцип на јавните набавки. Таа ја унапредува конкуренцијата, ја зголемува ефикасноста на потрошените средства и ги намалува заканите од корупција.

Само транспарентен процес на јавни набавки им овозможува на граѓаните да бараат отчетност и одговорност од администрацијата и од политичарите, со што растат и нивниот интегритет и довербата во институциите на системот. Односно, транспарентноста и отчетноста, заедно, претставуваат алатки за промовирање на интегритетот и за спречување на корупцијата во јавните набавки.

Транспарентноста на јавните набавки вообичаено се мери и се унапредува преку мониторинг од граѓанските организации, којшто резултира со навремено отворање на прашањата, намалување на ризиците, унапредување на практиките, барање одговорност и воопшто, засилување на доброто владеење во земјата.

И во Законот за јавни набавки на РСМ, транспарентноста и интегритетот во процесот на јавни набавки се наведени како основни принципи. Преку јавните набавки во земјава се трошат повеќе од 750 милиони евра годишно.

Јавните набавки се меѓу областите што се најранливи во однос на корупцијата, бидејќи во нив се вклучени огромни финансиски средства и постои директен контакт меѓу државата и приватниот сектор. Најзастапена проценка во светот е дека корупцијата „чини“ 20-30 % од вредноста на јавните набавки.

Поаѓајќи од потребата да се зголеми ефикасноста и да се намалат ризиците од корупција во јавните набавки во земјава, Центарот за граѓански комуникации врши континуиран длабински мониторинг на начинот на спроведување на јавните набавки од 2009 година наваму, оценувајќи ги состојбите, детектирајќи ги слабостите и предлагајќи конкретни мерки за законски и измени во практиката насочени кон намалување на просторот за корупција и унапредување на начинот на којшто се спроведуваат јавните набавки во земјава.

Повеќе за истражувањето можете да прочитате на македонски и англиски јазик.

     

Оваа публикација е изработена со финансиска поддршка од Европската Унија.

За повеќе информации, ве молиме, контактирајте го Центарот за граѓански комуникации на (02) 3213-513 или на center@ccc.org.mk.