Извештај од мониторингот на јавните набавки на локално ниво бр.9

Истражувањето на пазарот за техничките спецификации е невозможна мисија - исто како и добивањето согласност од советот од прв пат.
07.02.201720801

Истражувањето на пазарот, кое сите договорни органи треба да го прават за да докажат дека во земјата и во странство има доволен број производители на стоките што сакаат да ги купат, е речиси невозможно да се спроведе. Не можејќи да го спроведат истражувањето, сите оние кои набавуваат стоки задолжително мора да бараат претходна согласност за набавките од Советот за јавни набавки. Тој, пак, најчесто, согласноста ја дава дури по вториот обид. Тоа е случај во 80% од тендерите од мониторираниот примерок за кои е барана согласност. Во 10% согласноста е дадена од третпат, а во останатите 10% од првпат.

Во секој од мониторираните примероци има бројни примери на тендери во коишто цената на е-аукцијата паѓа толку ниско што навистина сериозно се доведува до прашање не само квалитетот на она што треба да се испорача, туку дури и количината. Вистинска штета е што податоците за спроведувањето на договорите за јавни набавки не се јавни, а институциите не ги даваат дури и кога ќе им бидат побарани преку Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер. Од тие податоци ќе се види што и колку е испорачано за крајно несфатливите цени што се постигнуваат на некои тендери.

Додека конкуренцијата на тендерите што се спроведуваат на локално ниво останува на ниско ниво од просечно 2,8 понудувачи по тендер, и натаму се намалува процентот на тендери на коишто имало само една или немало ниту една понуда. Просечниот број на понудувачи низ годините изнесува 2,6.

По малиот пад во минатото шестмесечје, процентот на поништени тендери повторно е натпросечно висок. Причините се различни, но меѓу нив сепак доминира поништувањето поради тоа што комисијата оценила дека ниту една од пристигнатите понуди не била прифатлива.

Повеќе за извештајот можете да прочитате на македонски и англиски јазик.

       

За повеќе информации, ве молиме, контактирајте го Центарот за граѓански комуникации на (02) 3213-513 или на center@ccc.org.mk.

Овој извештај е овозможен со поддршка од американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) во рамките на Проектот на УСАИД за граѓанско општество.