Поставувањето критериуми што фирмите треба да ги исполнат за да можат да учествуваат на тендерите, а коишто се несоодветни било за предметот на набавка, било за проценетата вредност на набавката, било за условите на пазарот, е сериозен проблем што е присутен и кај тендерите на локално ниво. Вакви несоодветни услови се бараат кај речиси една третина од мониторираните постапки на локално ниво. Исходот: во 60% од овие постапки имало или останал само еден понудувач, 30% се поништени, а е-аукција немало во 90% од нив. Поставувањето несоодветни критериуми е проблем со повеќеслојни негативни последици по јавните набавки, кој надлежните институции мора одделно да го анализираат и да преземат соодветни мерки за негово решавање.
Законски задолжителната обврска за одржување е-аукција за сите јавни набавки без оглед на нивната вредност сè потешко се остварува во тендерите на локално ниво. Со тоа не се остварува ниту идејата – преку задолжително одржување е-аукција – од една страна, да се намалуваат цените што институциите ги плаќаат за производите, услугите и работите што ги купуваат преку јавните набавки, а од друга страна, да се стеснуваат можностите за фаворизирање на одредени понудувачи. Во избраниот примерок од мониторингот на јавните набавки на локално ниво, е-аукција се одржала само кај 46% од набавките. Во останатите 54% од набавките, е-аукциите не се одржувале од различни причини, меѓу кои несомнено најдоминантна е онаа дека имало само еден понудувач или дека имало повеќе понудувачи но до фазата на одржување на еаукцијата останал само еден – со што немало услови за одржување на е-аукција. Фактот што ни половина од тендерите не завршуваат со е-аукција иако законски се обврзани на тоа, без оглед на причините, говори дека треба да се преиспита оправданоста и целисходноста на ваквата обврска.
Повеќе за извештајот можете да прочитате на македонски и англиски јазик.
За повеќе информации, ве молиме, контактирајте го Центарот за граѓански комуникации на (02) 3213-513 или на center@ccc.org.mk.
Овој извештај е овозможен со поддршка од американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) во рамките на Проектот на УСАИД за граѓанско општество.


