Центарот за граѓански комуникации во периодот од ноември 2008 до ноември 2009 година, го анализира спроведувањето на процесот на јавни на бавки во РМ, кој е регулиран со Законот за јавни набавки. Предмет на анализа се јавните набавки што се спроведуваат од договорните органи на централно ниво. Анализата се спроведува преку следење на вкупно 160 постапки за јавни набавки (по 40 во секој квартал).
За да се добие што поцелосна претстава за спроведувањето на процесот на јавните набавки, анализата се спроведува од директен мониторинг на објавите и отворањето на понудите за избраните јавни набавки, сe до структурирани прашалници што им се доставуваат за одговарање и на економските оператори кои учествуваат во јавните набавки, и на договорните државни органи кои ги спроведуваат набавките.
Целта на анализата е да оцени како се спроведува процесот на јавни набавки во РМ во светло на новиот Закон за јавни набавки и дали и колку функционираат основните принципи на јавните набавки: транспарентност, конкурентност, еднаков третман на економските оператори, недискриминација, законитост, економично, ефикасно, ефективно и рационално користење на буџетските средства, настојување да се добие најдобрата понуда под најповолни услови, како и отчетност за потрошените средства кај набавките.
Оттука, оваа прва квартална анализа ги даде следниве генерални забелешки:
- Често се менуваат годишните планови за јавни набавки, што укажува на лошо планирање на годишните потреби;
- И покрај децидната законска можност, тендерските документации не се објавуваат за преземање на веб страниците на државните органи, со што може да им се заштедат пари на фирмите и да се скрати времетраењето на постапката;
- Не се користи законската можност за ангажирање на стручно лице, надворешен експерт за подготовка на техничката документација и за евалуација на понудите;
- При утврдување на критериумите за способност и техничка спецификација, има случаи на предвидување одредби и постапки кои можат да влијаат дискриминаторски;
Повеќе за извештајот можете да прочитате на следниот линк
За повеќе информации, ве молиме, контактирајте го Центарот за граѓански комуникации на (02) 3213-513 или на center@ccc.org.mk.
Извештајот е изработен во рамките на проектот „Мониторинг на јавните набавки“, што го спроведува Центарот за граѓански комуникации, а е финансиски поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија.


