Ниската конкуренција на локалните тендери, чијшто повеќегодишен просек изнесува 2,6 понуди по тендер, и натаму продолжува да се движи под три понудувачи, што се смета за минимум конкуренција. На мониторираните тендери имало просечно по 2,8 понудувачи, исто како и во претходниот период. Она што дополнително загрижува е зголемениот процент на тендери со една или ниту една понуда, којшто скокна дури на 40% во мониторираниот период, што е највисоко ниво во последните три години.
Лошата проценка на вредноста на набавките често води кон неуспех на локалните тендери. Некои од тендерите се поништуваат и по неколку пати и успеваат само откако ќе се коригира проценетата вредност. Ова чини време и пари, неефикасни набавки и зголемување на неизвесноста кај фирмите.
Процентот на поништени постапки за јавни набавки во мониторираниот примерок скокна на 20%, достигнувајќи ја повторно највисоката граница во последните пет години. Во дури 50% од поништените постапки, причина за поништување било немањето ниту една понуда.
Електронската аукција се одржала само во 58% од мониторираните тендери. Таа е успешна само кај набавките со поголема конкуренција, додека во другите е само формална и често изгледа како фирмите да се договараат како ќе настапат на аукцијата.
Како во ниту еден друг период порано, во текот на овој мониториран период податоците побарани преку правото на слободен пристап до информации од јавен карактер во дури 28% од тендерите се обезбедени по пат на жалба до Комисијата за заштита на ова право.
Повеќе за извештајот можете да прочитате на следниот линк
За повеќе информации, ве молиме, контактирајте го Центарот за граѓански комуникации на (02) 3213-513 или на center@ccc.org.mk.


