Честите поништувања на тендерите, причините за поништувањето и големината на тендерите за кои се носат вакви одлуки ја отвораат дилемата дали со поништувањата се прикриваат слабостите во спроведувањето на постапките за јавни набавки или, пак, манипулациите.
Транспарентноста на јавните набавки не е на предвиденото ниво во согласност со новиот Закон за јавните набавки. Во повеќе од четвртина од монитори- раните постапки на централно ниво (27,5%), евидентирано е непочитување на законската обврска за известување во однос на спроведените тендери.
Предмет на управна контрола од страна на Бирото за јавни набавки во 2019 година бил 141 тендер. Во 16% од нив (23 тендери), констатирани се неправилности што не можат да се надминат и дадени се инструкции за поништување на овие тендери. По спроведените контроли, Бирото за јавни набавки нема поднесено ниту една прекршочна пријава до надлежниот орган, ниту, пак, е доставено известување до Јавното обвинителство.
Во второто полугодие од 2019 година има пораст на понудите во однос на првото полугодие. Но, и покрај тоа, просечниот број на понуди во 2019 изнесува 3,12, што е помалку од 2018 година, кога изнесуваше 3,41.
Најниската цена е користена како критериум за избор на најповолна понуда Во 97% од тендерите, а електронската аукција е применета во дури 94% од тендерите. Ваквото постапување на институциите не е во согласност со актуелните европски трендови, ниту, пак, соодветствува на барањата на бизнис-заедницата.
Во 2019 година, во директни преговори и без објавување оглас, склучени се 368 договори, во вкупна вредност од 40 милиони евра. Во однос на претходната година намален е бројот на договори, но вредноста е зголемена за 21%.
И на локално ниво, во речиси сите тендери повторно се применуваат најниската цена и електронската аукција, иако се незадолжителни; поништувањето на локалните тендери достигна ново рекордно ниво од 30%, или е поништена речиси секоја трета од мониторираните набавки; а во ниту една од мониторираните набавки нема образложение за потребата од набавката иако е задолжителна законска обврска.
Извештајот можете да го прочитате на македонски и англиски јазик.
За повеќе информации, ве молиме, контактирајте го Центарот за граѓански комуникации на (02) 3213-513 или на center@ccc.org.mk.
Овој извештај е подготвен од Центарот за граѓански комуникации со поддршка на американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД).



