Институциите не практикуваат консултации со бизнис-секторот во насока на подобрување на тендерските документации, а со тоа и на самиот процес на јавните набавки. Во првото полугодие од 2020 година, објавени се повици за технички дијалог само за 1,4 % од тендерите. Притоа, и во овој симболичен процес на консултации се забележани пропусти.
Институциите не ги почитуваат законски предвидените рокови за донесување одлуки во постапките, како и за доставување на известувањата за склучен договор и за реализиран договор до Електронскиот систем за јавни набавки.
Во првото полугодие од 2020 година, преку нетранспарентната постапка со преговарање без објавување оглас се склучени договори во вредност од 11 милиони евра, што е за 14,58 % повеќе од истиот период претходната година.
Поништувањата на тендерите во првото полугодие од 2020 година бележат раст во однос на истиот период претходната година и изнесуваат 27 %. Доминантен дел од тендерите се целосно поништени. Најголем број на поништувања имале АД Електрани, Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи.
На секој трет тендер е доставенa една или ниту една понуда. Конкуренцијата во јавните набавки во првото полугодие од 2020 година упатува на минимално подобрување во однос на истиот период 2019 година, но влошување во однос на цела 2019 година.
Истражувањето можете да го преземете на следниот линк.


