Прв полугодишен извештај од мониторингот на јавните набавки (jули-декември 2014)

Советот за јавни набавки во првите месеци од работата го зголеми административното оптоварување во спроведувањето на тендерите, но не и конкуренцијата.
29.04.20155044

Клучни наоди:

Советот за јавни набавки во првите месеци од работата го зголеми административното оптоварување во спроведувањето на тендерите, но не и конкуренцијата. Бројот на понудувачи во второто полугодие од 2014 година е дури намален во однос на првото полугодие.

До Советот за јавни набавки во второто полугодие од 2014 година се доставени дури 5.725 барања за добивање согласност за спроведување на тендерите. Процентуалниот сооднос на дадена и недадена согласност е 40:60. Побараните согласности ги чинеле државните институции околу 600.000 евра.

Во сите тендери кои се дел од мониторираниот примерок е користен критериумот за избор ’најниска цена‘ – од набавките за прехранбени производи, преку лекови и опрема за здравството, до ИКТ опрема и градежни работи. Ниските цени, кои преку е-аукција во некои тендери достигнуваат дури и апсурдно ниско ниво, го доведуваат во прашање квалитетот на набавките.

Задолжителното барање согласност од Советот за јавни набавки за примена на постапката со преговарање без претходно објавување оглас ги намали овие нетранспарентни договори. Во второто шестмесечје од 2014 година преку оваа постапка се склучени договори во вредност од 22 милиони евра, со што на годишно ниво нивниот износ достигна 56 милиони евра.

Секој четврти тендер бил поништен во второто полугодие од 2014 година, најчесто бидејќи немало ниту една понуда или бидејќи ниту една од доставените понуди не била прифатлива или соодветна. Гледано на годишно ниво, поништени се 23% од сите тендери објавени во 2014 година.

Во второто полугодие од 2014 година изречени се 19 негативни референци, со кои 18 фирми за првпат се најдоа на т.н. црна листа. Вкупно 72 фирми имаат забрана за учество на тендери. И во овој мониториран период е констатиран селективен однос на договорните органи кон примената на оваа мерка.

Договорните органи се вклучија во жалбениот процес во јавните набавки. Од 612 жалби доставени до Државната комисија за жалби по јавните набавки во 2014 година, 109 се од институции кои ги спроведуваат тендерите изјавени против решенија на Советот за јавни набавки. Со само 503 жалби од фирмите во 2014 година продолжи неколкугодишниот тренд на намалување на бројот на жалбите што фирмите ги доставуваат до Државната комисија.

Повеќе за истражувањето можете да прочитате на македонски и англиски јазик.

За повеќе информации, ве молиме, контактирајте го Центарот за граѓански комуникации на (02) 3213-513 или на center@ccc.org.mk.

Овој извештај е овозможен со поддршка од американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) во рамки на Проектот на УСАИД за граѓанско општество.