Просечниот број понуди во мониторираниот примерок изнесува 2,92. Но, овој просек се должи на исклучително големиот број добиени понуди во само 37% од мониторирани постапки, каде што се евидентирани и до 14 понудувачи на еден тендер. Од друга страна, во 39% од тендерите е регистрирана само по една понуда, а во 19% се добиени 2 понуди. дополнително е проблематично што, како никогаш досега, е регистриран исклучително висок број фирми чиишто понуди биле оценети како неприфатливи во фазата на евалуација и биле исклучени од изборот на најповолна понуда.
Е-аукција не се одржала во половина од мониторираните набавки (49,6%), а во голем број случаи каде што е одржана, ефектот од е-аукцијата во смисла на заштеда на средства е незначителен. Модулот за конечна цена речиси и да нема никаков ефект.
Продолжува да се намалува примената на нетранспарентната постапка со преговарање без претходно објавување оглас. во првото полугодие од 2016 година вредноста на овие договори изнесува 6,6 милиони евра, што е за 42,6% помалку од истиот период лани.
Во првото полугодие од 2016 година поништени се 22% од огласените тендери, што укажува на пораст на поништувањата во однос на истиот период лани, и тоа за 3,5 процентни поени. И во ова полугодие доминантна причина за поништување на тендерите е поради тоа што не е поднесена ниту една понуда.
Во првото полугодие од годинава, до државната комисија за жалби по јавните набавки фирмите доставиле 312 жалби, што е 24% повеќе од истиот период лани. Процентот на обжалени тендери е на ниско ниво од 3,4%.
Повеќе за извештајот можете да прочитате на македонски и англиски јазик.
За повеќе информации, ве молиме, контактирајте го Центарот за граѓански комуникации на (02) 3213-513 или на center@ccc.org.mk.
Овој извештај е овозможен со поддршка од американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) во рамките на Проектот на УСАИД за граѓанско општество.



