Заедно со претставници на Државната комисија за спречување на корупцијата, на Бирото за јавни набавки, на граѓански организации и истражувачки новинари, на 3 и 4 ноември, посетивме и разговаравме со претставници на десетина институции од Литванија.
Фокусот на студиската посета беше ставен на користење на податоците во откривање и спречување на корупцијата. Како стигнала Литванија да биде меѓу земјите со најниска корупција, и како секоја институција, но и системот заедно, денес се борат против корупцијата?
Меѓу институциите кои ги посетивме и каде што разговаравме на овие теми беа Главната комисија за етика на функционерите, Специјалната служба за истраги, Државниот даночен инспекторат, Агенцијата за јавни набавки на Вилнус, Централната изборна комисија и Центарот за истражувачко новинарство Сиена.
Исто така, посетивме и разговаравме и со неколку проекти за иновативни начини за превенција од корупцијата преку граѓанското учество, како што беа Гимназијата Симонас Даукантас и Канцеларијата на главниот градски архитект на Вилнус.
Домаќини ни беа колегите од Транспарентност Литванија и нивната Школа за транспарентност, а студиската посета се реализираше во рамките на проектот „Користење на податоците за вистинските сопственици за намалување на корупцијата“. Проектот го спроведуваат во партнерство Центарот за граѓански комуникации, Центарот на активни граѓани Активо Велес и Здружението на даночни советници на Република Македонија, а е поддржан од Цивика мобилитас која е проект на Владата на Швајцарија за поддршка на граѓанското општество во Северна Македонија, која ја спроведуваат Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), НИРАС од Данска и ФЦГ од Шведска.












