Истражување за јавните набавки на општините во 2025 година

Рекордни 356 милиони евра за локалните тендери во 2025 година - општините за една година потрошија за јавни набавки како во претходните две години заедно.
29.10.2026
  • 80-те општини и Градот Скопје во 2025 година склучиле вкупно 4.300 договори за јавни набавки во вредност од рекордни 21,9 милијарди денари, односно 356 милиони евра.
  • Вредноста на општинските тендери во изборната 2025 година се зголемила речиси двојно во однос на претходната година и изнесувала колку во претходните две години заедно.
  • Најголема вредност на јавните набавки за 2025 година има Општина Тетово – дури 22,5 милиони евра. Најмали јавни набавки од нецел половина милион евра има Старо Нагоричане.
  • Тетово има и најголем годишен скок на вредноста на тендерите од дури 20 милиони евра, а најголем пад од 6 милиони евра има Струмица.
  • Град Скопје веќе втора година по ред не е на првата позиција. Лани падна на шестото место, а годинава е на 14-то со вредност на тендерите од само 8,5 милиони евра.
  • Најголема вредност на јавните набавки по жител има Чаир, по 2381 евро, наспроти Центар Жупа, која има само по 12 евра по жител.
  • Општините лани склучиле договори за јавни набавки со 1.185 фирми, но повеќе од една четвртина од вкупната вредност на локалните тендери завршила кај само 10 фирми.
  • На врвот според вкупната вредност на склучените договори е Жикол од Струмица со вредност на договорите од милијарда денари, односно околу 16 милиони евра.
  • Комплетните податоци за општинските јавни набавки од 2015 година до сега се наоѓаат на специјалната база на податоци на Центарот за граѓански комуникации: https://javninabavki.opendata.mk/

Општина Тетово ја зголемила вредноста на јавните набавки во 2025 за рекордни 20 милиони евра. Само 10 општини имале помалку јавни набавки отколку во претходната година.

Најголемо зголемување на вредноста на јавните набавки во 2025 година има кај Општина Тетово и тоа рекордни 20,5 милиони евра. Следна е Општина Карпош со годишно зголемување од 9 милиони евра, па општините Куманово и Гостивар со 7,4 односно 7,3 милиони евра.

Следува Општина Штип со зголемена вредност на јавните набавки за околу 5,5 милиони евра, па, Општина Чаир со 5,3 милиони евра. Општините Ѓорче Петров, Велес и Гази Баба ги зголемиле јавните набавки за околу 5 милиони евра, а Општина Кичево за 4,7 милиони евра.

22 општини имаат зголемување на јавните набавки од два до 4,5 милиони евра, додека кај останатите 39 општини, вредноста на јавните набавки во 2025 година е зголемена за помалку од два милиони евра.

Намалување на вредноста на набавките во 2025 година во однос на 2024 година има само кај 10 општини. Најголем пад во апсолутна вредност на тендерите во 2025 година бележи Општина Струмица, од дури 6,1 милиони евра, а по неа следуваат општините Битола, со пад од два милиони евра, потоа Арачиново, со намалување од близу 700 илјади евра, Маврово и Ростуше со 400 илјади евра и Општина Росоман, со пад од околу 340 илјади евра.

Воедно, Градот Скопје втора година ја нема апсолутната доминација во јавните набавки и по ланскиот пад на шестото место, сега се наоѓа дури на четиринаесеттото место со остварена вредност на договорите за јавни набавки во 2025 година од 8,5 милиони евра. Во 2024 година вредноста на договорите за јавни набавки на Град Скопје изнесувала близу 7,3 милиони евра. И покрај зголемувањето на јавните набавки од 1,2 милиони евра во 2025 во споредба со 2024 година, дури 13 општини во 2025 година реализирале јавни набавки со поголема вредност од Градот Скопје.

Вредноста, пак, на јавните набавки на скопските општини и Градот Скопје во 2025 изнесува 29 % од вкупните набавки на сите 80 единици на локална самоуправа и Градот Скопје. Во 2025 година Градот Скопје и 10-те скопски општини потрошиле близу 105 милиони евра, што е за 47 милиони евра повеќе од претходната година. Ова сè уште е драстично помалку од 2021 година кога уделот на скопските општини и Градот Скопје во вкупните општински набавки бил 45 %.

Општина Тетово го презеде приматот како општина со најголема вредност на јавните набавки

Општина Тетово е единствената општина во земјава која има вредност на јавните набавки над 20 милиони евра, односно 22,5 милиони евра во 2025 година. Таа ја зголемила вредноста на јавните набавки во споредба со претходната година за дури 20 милиони евра. Веднаш после неа се наоѓа Општина Гази Баба која има вредност на јавните набавки од 16,6 милиони евра. Следните се општините Штип и Аеродром со јавни набавки вредни околу 14,2 милиони евра. На средина на табелата е Општина Куманово со потрошени 13, 3 милиони евра за јавни набавки.

Скопската општина Карпош е на шестото место со 12,5 милиони евра. Еден милион помалку, односно 11,5 милиони евра е вредноста на јавните набавки во 2025 година на седморангираната Општина Гостивар. По неа следува Општина Велес со 9,8 милиони евра потрошени на јавни набавки. На деветтото односно десетто место се општините Битола и Ѓорче Петров со набавки вредни околу 9,4, односно 9,3 милиони евра.

15-те општини кои имаат најголема вредност на јавните набавки, заедно трошат за јавни набавки околу 176 милиони евра што е половина од вкупно потрошената сума за јавни набавки на сите единици на локална самоуправа. Односно првите 15 општини потрошиле за јавни набавки колку што потрошиле останатите 66 општини заедно.

Вредност на јавните набавки над десет милиони евра во 2025 година имаат 7 општини, помеѓу пет и десет милиони евра вредни јавни набавки имаат 16 општини, 45 општини имаат вредност на јавните набавки помеѓу еден и пет милиони евра и само 13 општини имаат договори за јавни набавки во вредност помала од милион евра.

Единствена  општина која има вредност на јавните набавки под половина милион евра, односно околу 468 илјади евра е Општина Старо Нагоричане.

Веднаш по Старо Нагоричане на дното на табелата се наоѓаат општините Центар Жупа, Росоман и Зрновци со вредност на набавките под 600 илјади евра, следуваат општините Вевчани, Маврово и Ростуше, Ранковце, Лозово, Кривогаштани и Крушево со набавки вредни од 650 до 750 илјади евра.

2381 евро по жител на јавни набавки потрошила Општина Чаир, а само 12 евра Центар Жупа

Во 2025 година, просечно, на јавни набавки по жител потрошени се рекордни 313 евра, што е за 182 евра или речиси два и пол пати повеќе од 2024 година, кога просекот изнесуваше 131 евра по жител.

Најмногу јавни набавки по жител во 2025 година одделила Општина Чаир, дури 2381 евро и за прв пат го презема водечкото место. На второ место е Општина Сарај, со 1703 евра, а потоа следуваат општините Штип, Струга и Тетово, со 1544, 1355 и 1273 евра по жител. Овие се петте општини кои издвоиле над 1000 евра за жител од јавните набавки во 2025 година.

Општините Чучер Сандево, Новаци, Дојран, Ресен и Карбинци издвојуваат од 550 и 750 евра за жител, средства потрошени преку јавни набавки. 56 општини одделуваат помеѓу 100 и 500 евра за жител, а само  15 општини во 2025 година одделиле помалку од 100 евра по жител.

Најмалку пари за јавни набавки по жител потрошила Општина Центар Жупа и тоа само 12 евра за жител. Веднаш после неа е Градот Скопје со само 16 евра по жител. Две евра повеќе одделува Општина Чашка, а по неа следуваат Ранковце, Струмица и Росоман.

Рекордни 48 % од буџетите на општините просечно се потрошени на јавни набавки

Гледано во однос на консолидираните буџети на единиците на локалната самоуправа, произлегува дека, просечно, на јавни набавки во 2025 се потрошени највисоки досега 48 % од буџетите на општините и на Градот Скопје. Дури 36 општини имаат удели на вредноста на јавните набавки во реализираните буџети повисоки од 50 %.

Ова најмногу се должи на парите кои локалните самоуправи ги добија од владата за инфраструктурни проекти преку т.н. Унгарски кредит.

Треба да се има предвид дека овие се износи на склучени договори за јавни набавки и дека општините имаат склучено и повеќегодишни договори за јавни набавки со што плаќањата на обврските од договорите за јавни набавки што се склучени во 2025 година ќе се финансираат од буџетите од наредната година. Поради тоа, јавните набавки во некои општини имаат повисок удел во тековните буџети.

Највисок удел има Општина Чучер Сандево и тоа 127 %, а по неа втора година по ред на второ место е Општина Пласница со 91 %. Високи удели имаат и општините Карбинци, Василево, и тоа 85 %, односно 83 %. Општините Теарце, Шуто Оризари, Јегуновце, Студеничани, Чешиново- Облешево и Ѓорче Петров имаат удели повисоки од 70 %.

Од 70 % до 50 % од буџетот за јавни набавки трошат 26 општини, додека од 50 до 30% 28 општини. По што следуваат 15 општини кои на јавни набавки трошат од 15 % до 30 % од буџетот. Само Општина Струмица  и Градот Скопје имаат удел на вредноста на јавните набавки во буџетот помала од 10 %.

Вредноста на набавките по жител, како и уделот на вредноста на јавните набавки во општинските буџети се дел од параметрите кои можат да се видат на ниво на сите единици на локалната самоуправа во Базата на податоци за јавните набавки на општините во 2025 година.

Повеќе од четвртина од набавките на општините завршиле кај десет фирми

Во 2025 година локалните власти склучиле договори за јавни набавки со 1.185 фирми, што укажува на мало намалување во поглед на бројот на фирми со кои биле склучени договори во однос на 2024 година, кога договорите биле склучени со 1.210 компании.

Анализата на податоците укажува на зголемување на концентрацијата на тендерите кај мал број фирми. Првите 10 фирми со најголема вредност на договорите за јавните набавки имаат удел во вкупната вредност на набавките од 27 %, што е за 2 процентни поени повеќе од уделите на најголемите 10 добитници во 2024 година.

Листата од првите 10 фирми со најголема вредност на тендери кај општините во 2025 година ја предводи ЖИКОЛ Струмица, којашто има склучено 16 договори со 9 општини, со вредност на договорите од една милијарда денари, односно околу 16 милиони евра. Во 2024 година, Жикол бил на шестото место. Предводникот на листата во 2024 и 2023 година, ЕНЕРЏИ ДЕЛИВЕРИ СОЛУШНС ЕДС ДОО Скопје во 2025 година, е дури на 63-тото место.

На второ место во 2025 година е компанијата ЛЕНДИ ГРУП ДООЕЛ Скопје со склучени 49 договори во вредност од околу 864 милиони денари, односно 14 милиони евра. Станува збор за договори склучени за изградба и реконструкција на улици.

На трето место е СТЕНТОН ГРАДБА Битола. Со оваа фирма општините склучиле вкупно 27 договори во вредност од околу 722 милиони денари или 11,7 милиони евра. Стентон градба во 2025 година склучил договори со вкупно 10 општини.

Кога станува збор за поединечните договори, најголемиот поединечен договор за јавна набавка склучен од страна на единиците за локална самоуправа во 2025 година го има предводникот на листата со најголема вредност на договорите за јавни набавки ЖИКОЛ Струмица. ЖИКОЛ Струмица го склучил договорот во вредност од околу 254 милиони денари, односно 4,1 милиони евра, со Општина Аеродром за Доградба на ООУ Блаже Конески – фаза 2.

Вториот тендер по големина во 2025 година е склучен од Општина Сарај, и тоа во вредност од 243 милиони денари односно 4 милиони евра за набавка на Изградба на водовод, атмосферска канализација и реконструкција на улици во с. Ласкарци – Општина Сарај со фирмата ЈУ-БАЈ 2 ДООЕЛ Скопје.

Третиот според вредност тендер на локално ниво е на Општина Куманово, склучен со фирмата Друштво за производство, градежништво, трговија и услуги КООП ИНЖЕНЕРИНГ ДОО Куманово, за Изградба на водоводна мрежа, фекална и атмосферска канализација, изградба на дел од внатрешни сообраќајници, воспоставување на режим на сообраќај и осветлување на дел од внатрешни сообраќајници во индустриска зона с. Речица во општина Куманово, во вредност од 208 милиони денари, односно 3,4 милиони евра.

Кај дури 21 општини една фирма има удел во набавките на општината повеќе од 50 %.

Најмногу, дури 84 % удел на една фирма во вкупните општински набавки има Сарај. Веднаш после неа е Општина Теарце со 77 %, па Росоман, Центар Жупа и Радовиш со 67 %. Следни на листата се општините Македонска Каменица, Зелениково, Пласница и Струга кои имаат удел на една фирма во вкупните општински набавки од 60-ина % .

Кај половина од општините, дури третина од спроведените јавни набавки во 2025 година ги реализирала само една фирма. Воочувањето концентрација на една фирма во јавните набавки на одделните општини е и една од главните придобивки на оваа база на податоци за јавните набавки на општините бидејќи овозможува јасен и визуелен приказ на состојбите. Целта на овој податок е да ги алармира локалните власти да преземат активности во насока на стимулирање на конкуренцијата, како и, по можност, поделба на тендерите на делови наспроти нивно окрупнување.

* * *
Податоците за јавните набавки на општините произлегуваат од Базата на податоци за јавните набавки на општините во 2025 година изработена од Центарот за граѓански комуникации, а која ги содржи податоците за сите 4.300 договори за јавни набавки склучени од Градот Скопје и 80-те општини, објавени на Електронскиот систем за јавни набавки, заклучно со август 2026 година. Базата е интерактивна и содржи филтри со кои се овозможува пребарување на тендерите по општини и по фирми, а дава и графички преглед на учеството на фирмите во набавките на секоја општина одделно. Базата содржи податоци и за уделот на набавките во буџетите на општините, како и за вредноста на набавките по жител. Пребарувањето на општините и на фирмите овозможува да се дојде до релевантни сознанија за евентуалната концентрација на одредени фирми во тендерите на одредена единица на локалната самоуправа, што во дадени случаи може да биде последица на реални состојби на пазарот, а во други – да упатува на нелојална доминација на одредени фирми. Базата на податоци за јавни набавки на општините е изготвена за секоја година, од 2015 наваму.