Четврти квартален извештај за јавните набавки 2013 година

И по шест години од примената на Законот за јавни набавки (ЗЈН), дел од институциите и натаму постапуваат спротивно на ЗЈН, а фирмите не ги знаат своите права во однос на правната заштита.
20.05.2014

Клучни наоди и препораки:

Конкуренцијата во јавните набавки во 2013 година остана ниска. Просечниот број на добиените понуди на тендерите во текот на 2013 година, во мониторираниот примерок од 160 постапки, изнесува 2,6, а на повеќе од третина од тендерите учествува само по една фирма.

Препорака: Зголемувањето на конкуренцијата во тендерите треба да стане приоритет за сите чинители вклучени во јавните набавки, како на надлежните институции, така и на самиот бизнис-сектор.

И по шест години од примената на Законот за јавни набавки (ЗЈН), дел од институциите и натаму постапуваат спротивно на ЗЈН, а фирмите не ги знаат своите права во однос на правната заштита.

Препорака: Потребна е поголема контрола врз примената на ЗЈН од страна на договорните органи.

Транспарентноста во трошењето на јавните пари не е приоритет за дел од институциите. Евидентирани се случаи на недоставување на побараните тендерски документации, необјавување на известувањата за склучен договор, како и доцнење во доставувањето на евиденциите за т.н. мали набавки до ЕСЈН.

Препорака: Тргнувајќи од позицијата дека транспарентноста е клучниот предуслов за намалување на корупцијата, неопходно е институциите и натаму да работат врз зголемување на достапноста на податоците и документите во врска со тендерите.

Преку постапката со преговарање без објавување оглас во четвртиот квартал од 2013 година се склучени 388 договори, во вредност од околу 33 милиони евра. На годишно ниво, вредноста на овие договори достигна околу 81 милион евра.

Препорака: Потребно е да се воведе контрола на договорите што се склучуваат со преговарање без објавување оглас, особено во случаите кога оваа постапка се користи како основа за склучување анекс-договори, поради причини од крајна итност и од технички или уметнички причини.

Повеќе за извештајот можете да прочитате на македонски и англиски јазик.

       

За повеќе информации, ве молиме, контактирајте го Центарот за граѓански комуникации на (02) 3213-513 или на center@ccc.org.mk.

Овој извештај е овозможен со поддршка од американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) во рамките на Проектот на УСАИД за граѓанско општество.