Анализа на остварувањето на пристапот до информации според новиот Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер

11.12.20202836

Уште од првиот ден на спроведувањето на новиот Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер, Центарот за граѓански комуникации започна мониторинг на спроведувањето на законот врз основа на барањата за пристап што ги испраќа до институциите за добивање информации за разните истражувања што ги спроведува.

Во периодот од 1 декември 2019 година до 31 мај 2020 година, односно во првите шест месеци од спроведувањето на новиот закон, Центарот за граѓански комуникации испрати вкупно 460 барања за слободен пристап до институциите. Анализата за спроведувањето на новиот закон е направена врз основа на одговорите на овие барања и односот на институциите кон нив.

Анализата се осврнува и на ефектите што ги имаше кризата со КОВИД-19 врз остварувањето на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер.

Ова се дел од клучните наоди:

  • Новиот Закон за слободен пристап до информациите од јавен карактер беше донесен на 16 мај 2019 година, а почна да се применува на 30 ноември 2019 година. Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап почна со работа на 26 декември 2019 година.
  • Оваа анализа се заснова врз одговорите на 460 барања за пристап до информации што Центарот за граѓански комуникации ги испрати во првите шест месеци од спроведување на законот, односно од 1 декември 2019 година до 31 мај 2020 година.
  • Во максималниот законски рок од 20 дена е одговорено само на 51 % од барањата за информации, а просечниот број денови во којшто институциите одговорија на доставените барања беше 23.
  • Има огромни разлики во бројот на деновите во којшто институциите одговараа на барањата за пристап, а којшто се движеше од 2 до 154 дена.
  • 70 % од добиените одговори беа целосни, односно ги содржеа бараните информации, додека 22 % од одговорите беа нецелосни, а на 8 % не е добиен никаков одговор.
  • До Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер се поднесени 60 жалби, што е 13 % од вкупно испратените 460 барања.

Повеќе за истражувањето можете да прочитате на македонски и англиски јазик.

         

За повеќе информации, ве молиме, контактирајте го Центарот за граѓански комуникации на (02) 3213-513 или на center@ccc.org.mk.