Истражувањето можете да го прочитате на македонски и англиски јазик.
Само во Северна Македонија, преку јавни набавки, годишно се трошат околу една милијарда евра, пари кои ако се применува концептот на „зелени“ набавки, можат да станат инструмент за водење „зелена“ политика и за унапредување на квалитетот на животната средина.
Во Европската Унија, „зелената“ јавна набавка се опишува како „процес во којшто властите бараат да набават стоки, услуги и работи кои во текот на својот животен циклус имаат намалено влијание врз животната средина споредено со стоките, услугите и работите со иста основна функција кои би биле набавени инаку “.
Слична е дефиницијата и во САД, каде што се зборува за „еколошки претпочитаната набавка“ или „зеленото купување“, кое генерално се дефинира како „купување производ што има помал или намален негативен ефект или зголемен позитивен ефект врз здравјето на луѓето и животната средина, кога ќе се спореди со конкурентни производи кои служат за истата цел“.
Со други зборови, заедничко за двете дефиниции е дека „зелена“ јавна набавка е таа која има помало негативно влијание врз животната средина отколку „вообичаената“ набавка.
Овој документ е изработен во рамките на проектот „Приспособување кон климатските промени преку спречување на корупцијата во јавните набавки“, што го спроведуваат Центарот за граѓански комуникации и Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата, а е финансиски поддржан од Фондацијата Отворено општество Македонија.


