Документ за јавни политики за честото поништување на тендерите

Честото поништување на тендерите е еден од најголемите и најдолготрајните проблеми во системот на јавни набавки во земјава. Фактот дека се поништува секој четврти тендер ја става земјата на светскиот врв по уште еден, неславен, феномен во јавните набавки.
10.12.20193819

Имајќи го предвид постојано високиот процент на поништени постапки за јавни набавки во Северна Македонија, може да се заклучи дека договорните органи често и лесно посегнуваат по оваа законска можност, не секогаш водени од идејата за заштита на јавниот интерес.

Иако е законски дозволено, има бројни примери во праксата на спроведување на јавните набавки во земјава, многу од нив посочени и во извештаите од редовниот мониторинг на јавни набавки на Центарот за граѓански комуникации, од кои се гледа дека постапките се поништени без целосно валидни и објективни причини за тоа.

Поништувањето на тендерите, освен кога нема пристигнато ниту една понуда (за што има примери и дека не секогаш е поради немање интерес на фирмите), треба да биде ретко, како исклучок, и да се должи на промена на околностите во кои е објавена постапката за јавна набавка или од други, непредвидливи причини.

Поништувањето има големи негативни последици. Прво, значи губење време и пари и кај договорните органи и кај фирмите. Второ, значи неизвесност кај фирмите и неможност за деловно планирање. Трето, за договорните органи значи одложување на набавката и секако, неисполнување на плановите. Четврто, значи можност да се примени нетранспарентната постапка за набавка – преговарање без објавување оглас. Крајно, значи губење на доверба кај фирмите и намалување на и онака ниската конкуренција во јавните набавки.

Повеќе за истражувањето можете да прочитате на следниот линк

За повеќе информации, ве молиме, контактирајте го Центарот за граѓански комуникации на (02) 3213-513 или на center@ccc.org.mk.

Оваа публикација е изработена со финансиска поддршка од Европската Унија во рамките на проектот „Балкан Тендер Воч“.