Редовно годишно рангирање на институциите според Индексот на активна транспарентност, односно според проактивното објавување информации од јавен карактер, во кое се вклучени 98 институции, односно Владата и сите министерства и општини.
Индексот ги покажува следниве клучни аспекти:
- Просечната активна транспарентност на министерствата, на Владата и на општините за 2025 година изнесува 80 % (од максимално можни 100 %), исто колку што изнесуваше и минатата година.
- Активната транспарентност на министерствата и Владата е намалена во однос на лани и изнесува 84 % (лани 86 %).
- Општините го задржаа истото ниво на активна транспарентност како и лани, односно 79 %.
- Дури 44 % од опфатените институции ја влошиле својата активна транспарентност (лани се влошиле 19 % од институциите).
- Министерството за одбрана, петта година по ред ги задржа максималните 100 % активна транспарентност, а резултатот од 100 % годинава го освои и новоформираното Министерство за дигитална трансформација.
- Кај општините, за разлика од лани кога дури пет општини го делеа првото место со 100 % активна транспарентност, годинава на ова место се задржаа само две – Кавадарци и Кичево.
- Меѓу регионите, трета година по ред на првото место се наоѓа Источниот Регион (со иста активна транспарентност како и лани од 88 %).
- На последно место, со намалена активна транспарентност во однос на лани се наоѓа Полошкиот Регион (со 71 % активна транспарентност, лани 73 %).
- Најмалку информации, и министерствата и општините објавуваат за финансиите (министерствата 58 %, а општините 59 % од можни 100 %).
- Огромно уназадување има кај одговорите по барањата за слободен пристап до информациите од јавен карактер, што им беа испратени на сите институции во ист ден и со исто прашање. Општините одговорија во просек за 21 ден (лани за 15 дена), а министерствата одговорија за 23 дена (лани за 14 дена). Инаку, крајниот законски рок е 20 дена.
- Само 54 % од институциите одговорија во рамките на максималниот законскиот рок од 20 дена (лани тоа го сторија 71 % од институциите).
Повеќе за индексот можете да прочитате на следниот линк.
Активната транспарентност е претставена и на специјалната веб-страница: https://www.aktivnatransparentnost.mk/ со преглед на остварувањата на секоја институција од 2016 годинава наваму.
За повеќе информации, ве молиме, контактирајте го Центарот за граѓански комуникации на (02) 3213-513 или на center@ccc.org.mk.


