Индекс на активна транспарентност 2026 година

Просечната активна транспарентност на министерствата, на Владата и на општините за 2026 година изнесува 82 % (од максимално можни 100 %), што е за два поена повеќе во однос на минатата година кога изнесуваше 80 %.
28.09.202620

Под ’активна транспарентност‘ се подразбира објавувањето информации на сопствена иницијатива на институциите, без притоа некој да има доставено до нив барање за пристап до тие информации. Постои и законска основа за проактивно објавување информации, која се наоѓа, пред сè, во Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер, но и во низа други закони, како што се Законот за локалната самоуправа, Законот за буџетите, Законот за јавен долг, Законот за финансирање на единиците на локална самоуправа и др. Освен од регулативата, активната транспарентност произлегува и од добрата практика, а институциите имаат обврски за проактивно објавување информации и од акциските планови во рамките на иницијативата за Партнерство за отворена власт.

Резиме

  • Просечната активна транспарентност на министерствата, на Владата и на општините за 2026 година изнесува 82 % (од максимално можни 100 %), што е за два поена повеќе во однос на минатата година кога изнесуваше 80 %.
  • Активната транспарентност само на министерствата и Владата изнесува 86 % што е подобрување за два процентни поена во однос на ланските 84 %. Со ова министерствата и Владата се вратија на нивото на активна транспарентност што го имаа во 2023 и 2024 година.
  • И општините го подобрија нивото на активна транспарентност во однос на лани за два процентни поена и сега имаат 81 %, наместо ланските 79 %.
  • Дури 41 % од опфатените институции ја влошиле својата активна транспарентност во 2026 година.
  • По пет години водство, Министерството за одбрана веќе не е првата позиција, на која годинава се искачи Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, кое е единствено министерство со освоени максимални 100 % активна транспарентност.
  • Кај општините, четири општини се на водечкото место со 100 % активна транспарентност: Градско, Демир Хисар, Зрновци и Штип, додека ниедна од општините што лани беа лидери не ја задржа својата позиција.
  • Меѓу регионите, четврта година по ред на првото место се наоѓа Источниот Регион со дури подобрена активна транспарентност од лани (91 % наспроти 88 % лани).
  • На последно место, со најниска активна транспарентност од сите рангирани институции, и годинава се наоѓа Општина Лозово (со 36,9 % од можни 100 %).
  • Најмалку информации, и министерствата и општините објавуваат за финансиите (министерствата 71 %, а општините 64 % од можни 100 %).
  • Во однос на одговорите по барањата за слободен пристап до информациите од јавен карактер, што им беа испратени на сите институции во ист ден и со исто прашање, и општините и министерствата одговорија просечно за 18 дена (лани за 21 ден).
  • 32 % од институциите не одговорија во рамките на максималниот законскиот рок од 20 дена.

Повеќе за индексот можете да прочитате на следниот линк

 

За повеќе информации, ве молиме, контактирајте го Центарот за граѓански комуникации на (02) 3213-513 или на center@ccc.org.mk.