Истражување на последиците од кризата во 2022 во Буџетот на РСМ

30.10.20231225

Истражувањетa можете да го прочитате на македонски, албански и англиски јазик.

За покривање на растечките расходи од енергетската криза во 2022 година, Владата жртвуваше низа капитални објекти во вредност од најмалку 170 милиони евра, како што се: реновирање здравствени установи, купување медицинска опрема, изградба на детски градинки и домови за стари лица, изградба на патишта, реконструкција на студентски домови, како и проекти за унапредување на животната средина. Кога кон овој износ ќе се додадат и 50 милиони евра капитални проекти кои требало да се реализираат од локалните власти, произлегува дека, поради енергетската криза, во државава вкупно се жртвувани проекти што се од важност за граѓаните во вредност од најмалку 220 милиони евра.

Капиталните расходи во 2022 година се реализирани за 163 милиони евра помалку од првично проектираните. Притоа, од вкупно реализираните капитални расходи во вредност од 465 милиони евра, дури 28 %, односно 131 милион евра, биле потрошени за исплати што не може да се сведат под категоријата „капитални“. Станува збор за дел од исплатите кон АД Електрани за надминување на енергетската криза во вредност од 97 милиони евра, плаќања гаранции по рати за кредити на АД за државни патишта и на Железници на РСМ Транспорт АД Скопје (30 милиони евра), како и за исплатите кон АД Пошта (2 милиони евра) и АД Водостопанство (1,8 милиони евра), исто така поврзани со енергетската криза.