Никој во земјава не располага со точниот податок за бројот на доделени Б-интегрирани еколошки дозволи што општините им ги издаваат на фирмите чие работење влијае врз животната средина. Според Регистарот што го води Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), иматели на Б-интегрирани еколошки дозволи се 278 компании. Сепак, истражувањето покажа дека дел од дозволите што ги доделиле општините не се објавени во Регистарот, додека дел од фирмите со вакви дозволи, иако ги затвориле инсталациите, сè уште се евидентирани во Регистарот.
Никој нема одговор на прашањето кои сè компании треба да поседуваат Б-интегрирана еколошка дозвола. Земјата нема интегриран систем, ниту контролен механизам со којшто ќе бидат опфатени сите индустриски капацитети кои со своите активности емитуваат материи штетни по животната средина. Општините немаат регистри на загадувачи. Дел од нив имаат изработено т.н. катастри на загадувачи, но на ниво на индустрии, а не и на поединечни фирми.
Иако фирмите носители на Б-интегрирани еколошки дозволи треба да плаќаат надоместоци по неколку основи, сепак дури и големите општини, годишно на оваа основа, вкупно собираат само по неколку илјади денари. Оваа состојба отвора сомнеж дека општините не им ги пресметуваат надоместоците за поседување на Б-интегрирана дозвола на сите носители на дозволите. Воедно, се воочува дека дел од фирмите не ги плаќаат редовно ниту ваквите ниски надоместоци за кои се задолжени
Истражувањето можете да го прочитате на македонски, албански и англиски јазик.


