И во 2019 година, втора година по ред, вредноста на јавните набавки порасна во однос на претходната година достигнувајќи 908 милиони евра, што е скок за 20 %. Поголемо е и учеството на вредноста на јавните набавки во бруто домашниот производ на земјата кое во 2019 изнесуваше 8 %, а зафаќањето на набавките од Буџетот на земјата достигна до една четвртина.
Конкуренцијата на тендерите повторно се намали во 2019 година, по благото зголемување во претходните две години. Просечниот број добиени понуди по еден тендер се намали на 3,30 од 3,41 во претходната година. Сепак, овој податок не ја опишува целосно конкуренцијата на тендерите во Северна Македонија. Имено, на дури 28 % од тендерите нема ниту една или има само една понуда, а на 21 % има две понуди. Три и повеќе понуди има само на 51 % од тендерите.
Долгогодишниот проблем со енормно високите стапки на поништени тендери продолжи и во 2019 година. Иако учеството на поништени во вкупните тендери малку се намали и изнесува 26,6 %, сепак огромен скок има кај целосно поништените тендери. Во 2019 година целосно е поништен секој четврти тендер што е досегашен рекорден процент.
Истражувањето можете да го прочитате на македонски и англиски јазик.
Оваа публикација е изработена со финансиска поддршка од Европската Унија во рамките на проектот „Балкан Тендер Воч“.



