Центарот за граѓански комуникации започна да спроведува ад хок мониторинг на итните јавни набавки поврзани со коронавирусот уште од почетокот на кризата во март 2020 година, објавувајќи редовни извештаи со наоди и препораки.
Мониторингот покажува дека од почетокот на кризата, односно од почетокот на март до крајот на октомври 2020 година, склучени се вкупно 523 договори преку постапката со преговарање без објавување оглас, во вредност од 500 милиони денари или 8,1 милиони евра.
Договори за итни набавки за заштита од коронавирусот склучиле 103 институции. Најголема вредност на договорите има Министерството за внатрешни работи, кое склучило 10 договори во вкупна вредност од 2 милиони евра, што е точно една четвртина од вредноста на сите договори склучени по итна постапка. Следно е Министерството за здравство, кое склучило 21 договор во вредност од 730 илјади евра. Притоа, Министерството за внатрешни работи ги има склучено двата најголеми итни договори воопшто поврзани со корона-кризата, првиот вреден 1,1 милион евра за маски за припадниците на полицијата, а вториот вреден 657.000 евра за маски и ракавици за полицијата. Набавките на второрангираното Министерство за здравство се претежно групни, за потребите на здравствениот систем, како и за изградба и опремување на модуларна монтажна болница.
Како и да е, 52 % од вкупната вредност на итните набавки за заштита од коронавирусот се спроведени од институции од здравствениот сектор, кои набавуваа поединечно бидејќи, генерално, имаше многу малку централизирани набавки.
Истражувањето можете да го прочитате на македонски и англиски јазик.
Оваа публикација е изработена со финансиска поддршка од Европската Унија во рамките на проектот „Балкан Тендер Воч“.



