Примарно, препораките беа изработени врз основа на сознанијата добиени од следењето на спроведувањето на јавните набавки во Република Македонија, анализата на релевантните национални прописи за јавни набавки во Македонија, на Кодексот со најдобри практики за мали и средни претпријатија изработен од Европската комисија, како и обемното истражување на практиката на договорните органи и на искуството на микропретпријатијата во областа на јавните набавки во земјава.
Сето тоа покажа недоволно учество во јавните набавки, особено според вредноста на добиените тендери, на малите претпријатија и на микропретпријатијата. Застапеноста на микропретпријатијата на пазарот на јавни набавки е мала и несразмерна во однос на нивниот вкупен број, значење и улога што ја имаат овие претпријатија во локалните средини, но и во вкупната економија на земјата. Истражувањата покажаа дека овие претпријатија се соочуваат со недоволна информираност за јавните набавки, непознавање на регулативата и на начинот на спроведувањето на јавните набавки, недоволна доверба во јавните набавки, како и со низа административни и други пречки во практиката на спроведувањето на јавните набавки.
Повеќе за препораките можете да прочитате на македонски и англиски јазик
За повеќе информации, ве молиме, контактирајте го Центарот за граѓански комуникации на (02) 3213-513 или на center@ccc.org.mk.
Препораките се изработени и се предлагаат во рамките на Проектот на УСАИД за пристап на микропретпријатијата до јавните набавки чија цел е да го олесни пристапот на малите и на микропретпријатијата до пазарот на јавни набавки, придонесувајќи кон нивниот поодржлив развој и подобро искористување на нивните потенцијали за создавање работни места, раст и иновации. Од друга страна, на договорните органи проектот треба да им овозможи постигнување пониски цени и повисок квалитет во јавните набавки. Проектот се спроведува во 35 општини од источниот, вардарскиот, североисточниот и југоисточниот регион.



