Ова се дел од клучните наоди:
Значителен број договори за градежни работи не се реализираат во согласност со првично договорените услови, туку во текот на нивното спроведување се продолжуваат роковите, се зголемува вредноста и се менуваат обемот и условите за изведба. На тој начин, дел од условите под кои договорите, фактички, се реализираат се утврдуваат дури по завршувањето на тендерската постапка и склучувањето на договорот, односно надвор од конкурентниот процес во кој биле избрани понудувачите. Ваквата практика ја доведува во прашање смислата на првично спроведената јавна набавка и го зголемува ризикот од корупција и злоупотреби.
Пробивањето на роковите и другите отстапувања од договорените услови не се проследени со соодветно утврдување на одговорност и примена на санкции. Улогата на надзорните фирми во практиката почесто се сведува на формално потврдување на состојбата на терен отколку на навремено идентификување, документирање и спречување на отстапувањата.
Статусот на значителен дел од градежните проекти не може со сигурност да се утврди. На тоа укажуваат големата разлика меѓу бројот на склучените договори и бројот на доставените известувања до ЕСЈН за реализација на договорите, како и случаите во кои содржината на доставените известувања не соодветствува со фактичката состојба. Недостигот од навремени, точни и целосни информации ја ограничува можноста за ефикасно следење и контрола на реализацијата на договорите и овозможува злоупотребите да останат неоткриени.
Јавните средства се трошат за објекти и инфраструктура со пократок век на траење и со квалитет под очекуваниот. Недостатоците во градежните работи често се појавуваат набрзо по завршување на договорот.
Вредноста на договорите за градежни работи низ годините расте, но конкуренцијата во тендерите се намалува. Во 2021 година, просечно на тендерите се јавувале четири до пет фирми, а во 2025 година, нивниот број е паднат под три.
Истражувањето можете да го прочитате на македонски, албански и англиски јазик.
За повеќе информации, ве молиме, контактирајте го Центарот за граѓански комуникации на (02) 3213-513 или на center@ccc.org.mk.
Истражувањето е спроведено во рамките на проектот „Спречување на корупцијата во јавните набавки во градежништвото“, што го спроведува Центарот за граѓански комуникации со финансиска поддршка на National Endowment for Democarcy (NED).

