Трет квартален извештај за јавните набавки во 2011 година

Изборот на најповолни понуди во тендерите е доведен во прашање поради несоодветна примена на критериумите и елементите за евалуација на добиените понуди.
04.03.20117057

Некои од клучните наоди се:

Изборот на најповолни понуди во тендерите е доведен во прашање поради несоодветна примена на критериумите и елементите за евалуација на добиените понуди. Во постапките за јавни набавки е евидентиран значаен проблем околу начинот на кој се користат критериумите за избор на најповолна понуда.

Проблемот со малата конкуренција на тендерите се продлабочува. 35% од мониторираните постапки за јавни набавки се со една или со ниту една понуда од фирмите. Доколку кон оваа се додадат и тендерите во кои имало само 2 понуди, малата конкуренција е евидентирана во дури 52,5% од вкупно мониторираните постапки. Интересот на фирмите да учествуваат во постапките во овој квартал е намален во однос на претходниот и упатува на тенденција на продлабочување на проблемот со малата конкуренција.

Големиот број на поништувања на тендерите остануваат болна точка на системот на јавни набавки. Во третиот квартал од 2011 година се донесени одлуки за поништување на 444 тендери, што значи на 26,57% од вкупно спроведените постапки за јавни набавки во тој период. Анализите покажуваат дека најчесто користена законска можност за поништување на постапките, и тоа во дури 51,03% од случаите, е дека не е поднесена ниту една понуда или ниту една прифатлива понуда.

Вредноста на договорите склучени со преговарање без објавување оглас во третиот квартал до 2011 година изнесува 7,5 милиони евра, што е за 8,5% помалку од истиот период претходната година. Сепак, и со ова благо намалување во третиот квартал, вредноста на директно склучените договори во деветте месеци од 2011 година остануваат на рекордно високо ниво во изминатите три години.

Повеќе за извештајот можете да прочитате на македонски и англиски јазик.

За повеќе информации, ве молиме, контактирајте го Центарот за граѓански комуникации на (02) 3213-513 или на center@ccc.org.mk.

Извештајот е изработен во рамките на проектот „Мониторинг на јавните набавки“, што го спроведува Центарот за граѓански комуникации, а е финансиски поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија.