Клучни наоди и препораки
Проблемот со поништувањата добива исклучително силен интензитет во поголемите тендери, односно во т.н. отворени постапки за набавка на стоки и услуги во вредност поголема од 20.000 евра и за изведување работи над 50.000 евра. Судејќи според мониторираниот примерок, овој неповолен тренд во најголем дел е резултат на донесени одлуки за поништување на тендерите поради тоа што проценетата вредност на набавките е помала од финансиските понуди добиени од фирмите учесници на тендерите и оттука, институциите во своите буџети немаат доволно пари за нивно плаќање.
Препорака: Како прв чекор за намалување на поништувањата може да се преземат измени во ЗЈН, конкретно во член 169, со тоа што кај случаите во кои договорниот орган може да ја поништи постапката за доделување договор за јавна набавка: ’непредвидени промени во буџетот‘ и ’промени во потребите на договорниот орган‘ треба да се предвиди и дека таквата набавка која се поништува врз основа на овие два случаи не смее да се повтори во текот на истата буџетска година. Воедно, со оглед на констатираните проблеми со проценката на вредност на набавките, неопходно е договорните органи да го истражуваат пазарот и пореално да ја проценуваат вредноста на набавките.
За да можат да учествуваат на тендери, од фирмите се бараат докази дека и претходно имале договори за јавни набавки со државни институции. Постојаното проширување на листата на критериуми со кои треба да ја докажат својата способност го отежнува учеството на фирмите во јавните набавки. Во мониторираниот примерок евидентиран е и случај во кој од фирмите се бара дури и да ги вработат отпуштените сервирки од една здравствена установа како услов за добивање тендер за храна на пациенти.
Препорака: Бирото за јавни набавки треба да направи анализа кои се најчесто поставуваните критериуми за утврдување на способноста на фирмите за учество на тендерите и да утврди кои од нив се несоодветни, непропорционални и дискриминаторски.
Дел од институциите и натаму не го почитуваат правилото за прецизно дефинирање на начинот на кој ќе ги делат бодовите за оценка на понудите. Наместо квалитетот на понудите, во тендерите главно се цени искуството на фирмитепонудувачи.
Препорака: Само со прецизно утврдени параметри за евалуација кои јасно ќе бидат наведени во тендерската документација, може да се говори за објективно бодување на понудите. Оттука, неопходно е институциите доследно да го почитуваат Законот за јавните набавки и прецизно да ги дефинираат елементите за евалуација на понудите.
Повеќе за извештајот можете да прочитате на македонски и англиски јазик.
За повеќе информации, ве молиме, контактирајте го Центарот за граѓански комуникации на (02) 3213-513 или на center@ccc.org.mk.
Овој извештај е овозможен со поддршка од американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) во рамките на Проектот на УСАИД за граѓанско општество.



