Клучни наоди и препораки
Дел од институциите не ја почитуваат задолжителната законска обврска – во подготовката на техничките спецификации за јавните набавки над 130.000 евра да ги вклучуваат и фирмите преку водење т.н. технички дијалог.
Препорака: Во насока на поголема контрола на примената на техничкиот дијалог, потребно е и за оваа категорија да се овозможи архива на податоци на ЕСЈН. Сега таму има информации само за актуелни повици за водење технички дијалог, што не овозможува увид дали е навреме овозможена и спроведена консултација со потенцијалните понудувачи за сите набавки над 130.000 евра.
Наспроти укажувањата дадени со мониторингот на јавните набавки, институциите сè почесто бараат од фирмите да докажат дека во последните три години работеле со добивка за да учествуваат на тендерите. Ваквото постапување е спротивно на законските одредби кои предвидуваат условите за фирмите да бидат поврзани и пропорционални со предметот на набавката и да немаат ограничувачки ефект врз конкуренцијата.
Препорака: Да се воведе законска можност за доставување жалба во однос на условите поставени во тендерската документација веднаш по објавување на огласот. Само на тој начин бизнис-секторот ќе биде стимулиран да ги брани своите права кои му се ограничени со фаворизирачките тендерски документации.
Проблемот со малата конкуренција на тендерите добива интензитет. Како последица на ваквата состојба, се оневозможува одржување е-аукција и се зголемува бројот на тендери во кои договорот се склучува со единствената фирма понудувач.
Препорака: Покрај ангажираноста на Бирото за јавни набавки, во надминувањето на овој проблем е неопходно да се вклучат и бизнис-секторот и неговите асоцијации, кои треба да се обидат отворено да ги лоцираат причините за проблемите и да предложат ефикасни мерки за нивно отстранување.
Повеќе за извештајот можете да прочитате на македонски и англиски јазик.
За повеќе информации, ве молиме, контактирајте го Центарот за граѓански комуникации на (02) 3213-513 или на center@ccc.org.mk.
Овој извештај е овозможен со поддршка од американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) во рамки на Проектот на УСАИД за граѓанско општество.



