Клучни наоди:
Наоди од истражувањето на 254 фирми за нивното искуство во јавните набавки:
Двата најчести проблеми со кои се соочуваат фирмите се најниската цена како единствен критериум за доделување на договорите за јавни набавки и задоцнетото плаќање за извршените договори. За најниската цена како проблем во тендерите се изјасниле 52,4% од анкетираните фирми, а за задоцнетото плаќање 39,4%.
Испитаните фирми чекаат просечно по 8 месеци за да ги добијат парите по реализацијата на договорите за јавни набавки. Ова значи зголемување од два месеци на просечното време на чекање од пред година и половина, кога изнесувало 6 месеци.
Повеќе од 90% од фирмите сметаат дека на електронските аукции се постигнуваат нереално ниски цени и се занемарува квалитетот на набавките во однос на нивната цена.
79% од испитаните фирми сметаат дека има корупција во јавните набавки, но со различна оценка за нивото на нејзината присутност. Најголем дел од фирмите, односно 37%, сметаат дека во јавните набавки често има корупција, 10% велат секогаш, а 32% ретко. Само 21% од фирмите се изјасниле дека во јавните набавки никогаш нема корупција.
Доминантен дел од испитаните фирми се изјасниле дека во тендерите на кои учествувале, почесто или поретко сведочеле непочитување на законот за јавни набавки.
Дури 93% од испитаните фирми никогаш или ретко се жалат на тендерите во коишто учествуваат, главно поради високиот надомест за трошоците во жалбената постапка и недовербата кон ДКЖЈН.
Во предлозите за измени на законот за јавни набавки дадени од страна на анкетираните фирми, доминираат барањата за укинување на примената на критериумот „најниска цена“ и за воведување на критериумот „економски најповолна понуда“.
Наоди од мониторингот на јавните набавки:
Стручните лица кои ги ангажирал советот за јавни набавки при давањето согласности за тендерите во 2015 година ги чинеле институциите вкупно 2,2 милиони евра. За големината на овој износ говори податокот дека над 60 општини во република македонија годишно за јавни набавки имаат на располагање помалку од 2 милиони евра. Високите трошоци што се генерираат со ангажирање на стручните лица не се оправдани, со оглед на ефектите во однос на конкуренцијата на тендерите.
Секој четврти мониториран тендер е со еден понудувач. ниското ниво на конкуренција дополнително е нарушено со исклучување на фирмите од евалуација.
Во 2015 година се склучени договори за јавна набавка без објавување оглас во вкупна вредност од 29 милиони евра. Вредноста на овие договори е за речиси половина помала од 2014 година. Најголемиот договор склучен со преговарање без претходно објавување оглас е анекс-договорот за изградба на објектот градска куќа, во вредност од 3,2 милиони евра.
Вкупно во 2015 година, поништени се 19,9% од постапките за јавни набавки. Најчеста причина за поништување на тендерите е поради тоа што не е поднесена ниту една понуда.
Повеќе за извештајот и наодите од анкетата можете да прочитате на македонски и англиски јазик.
За повеќе информации, ве молиме, контактирајте го Центарот за граѓански комуникации на (02) 3213-513 или на center@ccc.org.mk.
Овој извештај е овозможен со поддршка од американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) во рамки на Проектот на УСАИД за граѓанско општество



