Извештај од мониторингот на јавните набавки на локално ниво бр.10

Третина тендери со еден или ниту еден понудувач.
18.09.20171311

СКОПЈЕ, 20 јуни 2017 година – Денес, Центарот за граѓански комуникации го објави извештајот од мониторингот на јавните набавки спроведени од институциите на локално ниво.

Клучни наоди:

И натаму се намалува и онака ниската конкуренција на локалните тендери. На мониторираните тендери имало просечно по 2,4 понудувачи, а на 35% од тендерите имало една или ниту една понуда. За споредба, во претходниот период, просечниот број понудувачи изнесувал 2,8, а на 29% од тендерите имало по еден или ниту еден понудувач.

Иако тендерите траат сè подолго, фирмите имаат сè пократки рокови за изработка и за доставување на своите понуди. Договорните органи најчесто ги определуваат минималните законски рокови за доставување на понудите. Но, за разлика од овие календарски рокови, вистинските рокови што ги имаат фирмите за да ги изработат и да ги достават своите понуди се многу пократки. Постојат случаи во кои фирмите имаат само еден ден за изработка и за доставување на понудата.

Процентот на поништени постапки за јавни набавки во мониторираниот примерок се задржува на истото, високо, ниво од 18%. Како доминантни причини за поништување на постапките се јавуваат високите цени и немањето понудувачи на тендерите.

Иако задолжителни за сите набавки, е-аукциите се одржале само во 55% од мониторираните тендери. Наспроти тоа, процентот на т.н. е-постапки или тендери кои се спроведуваат целосно по електронски пат изнесува 58%. Просечното намалување на цените за време на е-аукциите изнесувало само 10%.

Бројни се примерите во кои договорните органи постапуваат различно во исти ситуации  кога понудувачите не доставиле целосни понуди. Некои договорни органи бараат дополнување, но други веднаш ги исклучуваат тие понудувачи.

Извештајот можете да го прочитате на македонски и англиски јазик.

   

Извештајот е изработен во рамките на проектот „Мониторинг на јавните набавки“, што го спроведува Центарот за граѓански комуникации, а е финансиски поддржан од Цивика мобилитас.

За повеќе информации, ве молиме, контактирајте го Центарот за граѓански комуникации на (02) 3213-513 или на center@ccc.org.mk