Извештај од мониторингот на јавните набавки на локално ниво бр.7

Опаѓа и онака малата конкуренција кај локалните тендери.
31.12.20157421

Ниската конкуренција кај тендерите на локално ниво и натаму се намалува, и покрај серијата законски измени во овој период коишто требаше да влијаат во спротивна насока и да го зголемат бројот на учесници во постапките за јавни набавки. На мониторираните тендери имаше просечно по 2,4 понудувачи, а дури на 57% од тендерите имаше ниедна или само една понуда.

Иако е законски задолжителна за сите тендери, е-аукција имало само во 53% од мониторираните постапки. Ниската конкуренција на тендерите и ’најниската цена‘ како единствен критериум само ќе го заоструваат проблемот со неодржувањето на електронските аукции, на кои би требало да се намалуваат првобитно понудените цени.

Процентот на поништување на мониторираните тендери се задржува на високо ниво од 20%, што е пораст во однос на претходните една до две години, кога изнесуваше околу 15%. И натаму главна причина за поништувањето останува да биде тоа што понудувачите понудиле понеповолни цени од оние што ги очекувал или ги планирал договорниот орган.

Во доминантен дел од мониторираните мали набавки со вредност до 5.000 евра, фирмите, всушност, имале само два дена за подготовка на своите понуди. Кај сите овие набавки, договорните органи се определиле за минималниот рок од пет дена, но тие се така објавени што прво, се губат по два дена за викенд, а ако се одземат и првиот ден кога тендерот се објавува и последниот кога вообичаено наутро е крајниот рок за поднесување на понудите, тогаш на фирмите им остануваат само два дена за да ги подготват своите понуди.

Иако 95% од институциите чиишто тендери беа мониторирани одговорија на барањата за доставување информации, сепак не сите ги доставија сите барани информации. Најчесто недоставени документи се тие од спроведеното истражување на пазарот.

Несоодветноста на ’најниската цена‘ како единствен критериум за доделување на договорот и уривањето на цените како резултат на задолжителната е-аукција се двата најголеми проблеми со кои се соочуваат фирмите што учествуваат на тендерите на локално ниво. Повеќе од половината од анкетираните фирми се соочуваат со проблемот на задоцнета наплата во јавните набавки.

Повеќе за истражувањето можете да прочитате на македонски и англиски јазик.

Овој извештај е овозможен со поддршка од американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) во рамките на Проектот на УСАИД за граѓанско општество.

За повеќе информации, ве молиме, контактирајте го Центарот за граѓански комуникации на (02) 3213-513 или на center@ccc.org.mk.