Имајќи ги предвид резултатите од истражувањето на медиумското известување за корупцијата во Македонија, дискусиите и размислувањата на новинарите искажани на дебатите за заклучоците од истражувањето, како и искажаната недвосмислена потреба од натамошно подобрување на начинот на којшто новинарите во земјава истражуваат и известуваат за корупцијата, Центарот за граѓански комуникации ги предлага следниве препораки за унапредување и за зајакнување на улогата на медиумите во борбата против корупцијата:
Сопствениците и главните уредници да го поддржуваат и да го охрабруваат истражувачкото новинарство фокусирано врз борбата против корупцијата, затоа што на тој начин, покрај општествената функција, го зголемуваат и сопствениот кредибилитет, популарност, а со тоа и приходите. Медиумите имаат суштинска улога во борбата против корупцијата. Тие се најголемиот сојузник на општеството во борбата за транспарентност при носењето и при откривањето на вистинските причини кои стојат зад политичките одлуки и случувања. Со фокусирањето врз јавниот интерес, медиумите ја исполнуваат својата основна општествена улога да бидат коректор на лошите политики и, воедно, го јакнат сопствениот кредибилитет и довербата кај јавноста. Toa, пак, резултира со зголемување на популарноста и со зголемување на приходите и независноста во работењето на самиот медиум.
Медиумите да продолжат секојдневно да известуваат за корупцијата, но со примена на техниките на истражувачкото новинарство и со поголемо користење на можностите што ги нудат новите технологии. Имајќи предвид дека учесниците во корупцијата имаат заемна корист, а со тоа и заемен интерес да молчат, речиси е невозможно корупциските случаи да бидат откриени без примена на техниките на истражувачкото новинарство.
Прочитајте повеќе на следниот линк
За повеќе информации, ве молиме, контактирајте го Центарот за граѓански комуникации на (02) 3213-513 или на center@ccc.org.mk.
Оваа публикација е изготвена со финансиска поддршка од Европската Унија.


