Бриф за јавни политики за подобрување на правната заштита во јавните набавки
Анализата на состојбите во јавните набавки ја наметнува потребата од преиспитување на ефикасноста на правната заштита во Македонија во услови кога бројот на жалби е во постојано опаѓање наспроти галопирачкиот раст на бројот на тендери. Значењето на прашањето за ефикасност на системот на правна заштита произлегува од фактот дека јавните набавки во земјава учествуваат со дури 12% во бруто домашниот производ. Годишно, државните институции трошат повеќе од 900 милиони евра за набавка на стоки, услуги и работи кои ги обезбедуваат преку постапките за јавни набавки, што е дури 35% од вкупниот буџет на земјата. Ова доволно говори за важноста на јавните набавки не само за нормално функционирање на државата, туку и за вкупната економија на земјата.
