Трошоците за јавни набавки во здравството во последните 10 години се зголемија два и пол пати, односно од 1261 милиони евра во 2015 на повеќе од 3152 милиони евра во 2024 година. Овој раст се случува во услови кога граѓаните постојано изразуваат незадоволство од квалитетот и од достапноста на здравствените услуги.
Очигледната несразмерност помеѓу трошењето и квантитетот и квалитетот на услугите го засилува впечатокот дека јавните набавки не се реален одраз на потребите и интересите на граѓаните и дека дополнително ги потхрануваат недовербата и сомнежите за корупција.
Инфлацијата во периодот 2021 – 2024 година влијаеше врз цените на опремата, услугите и градежните работи. Сепак, кај лековите ефектите беа ограничени поради тоа што нивните цени се однапред утврдени од надлежните институции. Со оглед на тоа дека 89 % од договорите за јавни набавки во здравството се однесуваат за набавка на лекови, медицински потрошен материјал и други стоки, може да се заклучи дека инфлацијата имала ограничено влијание врз огромниот раст.
Најголем раст на вредноста на јавните набавки е воочен кај клиниките и болниците. Кај нив, за десет години, тројно е зголемена вредноста на тендерите. Но, наместо повеќе услуги и подобра грижа, граѓаните се соочуваат со поинаква реалност – тендерите растат, а работата на болниците и клиниките се намалува. Во периодот 2015 – 2024 година, бројот на прегледи во вкупно 55 клиники и болници е намален за 14 %, а на болнички денови за 24 %. Овој јаз отвора сериозни сомнежи дека јавните набавки се користат како канал за финансиско извлекување средства, наместо како инструмент за унапредување на здравствената заштита.
Растечките трошоци за јавни набавки не можат да се оправдаат ниту со специјалистичките прегледи. Во последните три години е евидентиран пад на специјалистичките прегледи за околу 700.000, односно за 19 %. Намалувањето на бројот на здравствените услуги во гинекологијата и акушерството, како и во трансфузионата медицина, надминува 60 %.
Истражувањето може да го преземете на македонски, албански и англиски јазик
За повеќе информации, ве молиме, контактирајте го Центарот за граѓански комуникации на (02) 3213-513 или на center@ccc.org.mk.
Истражувањето е спроведено во рамките на проектот „Спречување на корупцијата во јавните набавки во здравството“, со финансиска поддршка на National Endowment for Democracy (NED).




