Состојбата со јавните набавки во Македонија во 2018 година се наоѓа меѓу сè уште важечкиот „стар“ и многу критикуван Закон за јавните набавки и изработениот „нов“ закон, којшто би требало да ги „поправи“ работите, но сe уште чека на усвојување во Собранието на РМ.
Најкритикуваната македонска специфичност – фамозниот Совет за јавните набавки, којшто даваше претходна согласност за сите набавки за кои не можеше да се докаже дека на пазарот постои барем минимум конкуренција, беше укинат во ноември 2017 година, како реакција на бројните критики кои доаѓаа од сите страни. Но, со тоа се намали само дел од проблемите во набавките. Останаа на сила сите други спорни одредби кои постоеја и пред воведувањето на Советот, којшто всушност само ги докомплицира работите.
Сегашната верзија на Законот за јавните набавки не е усогласена со Директивите на ЕУ од 2014 година во многу делови и иако од ЕУ го констатираа ова во неколку последователни годишни извештаи и, соодветно, бараа итни промени во таа насока, тоа не се случи. Претходната власт беше глува на критиките, а новата (од јуни 2017 година) се обиде да ги амортизира со тоа што пристапи кон изработка на целосно нов закон. Но, законот не е уште донесен, со што се овозможува јавните набавки и натаму да се спроведуваат според регулативата која беше предмет на остри критики не само од Брисел, туку и од сите внатрешни чинители на процесот – самите договорни органи, фирмите, стопанските комори, граѓанските организации, регулаторните и контролните институции итн.
Покрај на системско ниво, проблеми во спроведувањето на набавките има и на институционално ниво. Според истражувањата1 на практиките на спроведување на тендерите, институциите што трошат најмногу пари за јавни набавки имаат најниско ниво на транспарентност, отчетност и интегритет во набавките. Најслаби делови во циклусот на јавни набавки и натаму се планирањето на набавките и спроведувањето на договорите.
Веќе сме на крајот од 2018 година, а последниот објавен годишен извештај за функционирањето на системот на јавните набавки во Македонија е оној за 2016 година. Необјавувањето годишен извештај за претходната година до крајот на ноември во тековната година е преседан во поновата македонска историја. Притоа, нема јавно официјално образложение за причините за ова рекордно доцнење.
Инаку, извештајот дава детален годишен преглед на спроведувањето на јавните набавки и, воопшто, на функционирањето на системот на јавни набавки во земјата, со анализа на пазарот на јавни набавки и предлози за унапредување на системот. Го усвојува Владата и, вообичаено, потоа Бирото за јавни набавки (БЈН) го објавува на својата интернет-страница.
Повеќе за извештајот можете да прочитате на македонски и англиски јазик.
Оваа публикација е изработена со финансиска поддршка од Европската Унија во рамките на проектот „Балкан Тендер Воч“.
За повеќе информации, ве молиме, контактирајте го Центарот за граѓански комуникации на (02) 3213-513 или на center@ccc.org.mk.



