Стандардите врз основа на коишто е направена оценката на транспарентноста и на отчетноста на претпријатијата во државна сопственост се утврдени преку анализа на релевантната законска регулатива и на меѓународните стандарди. Оттука, доминантен дел од избраните стандарди се законски обврзувачки за претпријатијата, а помал дел се стандарди што се сметаат за добра практика.
Во однос на законските обврски, станува збор за стандарди што се предвидени со Законот за јавни претпријатија, со Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер и со Законот за заштита на укажувачите.
Во дефинирањето на стандардите земени се предвид и законите што ја регулираат специфичната дејност на одредени претпријатија (Закон за енергетика, Закон за комуналните дејности, Закон за поштенски услуги, Закон за водостопанство итн.), како и Законот за хартии од вредност. Како правен акт што е обврзувачки за претпријатијата во државна сопственост, земен е предвид и Акцискиот план за Отворено владино партнерство 2018 – 2020 година. Додека, пак, во однос на добрата практика, како основа се земени стандардите што ги препорачува ОЕЦД (Организација за економска соработка и развој) во Водичот за корпоративно управување на претпријатијата во државна сопственост. Според овие насоки, претпријатијата во државна сопственост треба да почитуваат високи стандарди за транспарентност и отчетност.
Ова се дел од клучните наоди:
- Триесетте најголеми претпријатија основани од Владата и од единиците на локалната самоуправа објавуваат само 48 % од информациите и документите коишто се обврзани да ги објавуваат на своите веб-страници. Истражувањето, спроведено во јуни 2022 година, покажува дека е остварен мал пораст (7 %) во однос на 2020 година, кога претпријатијата објавија 41 % од релевантните информации и документи
- Во последните две години, поголем напредок во транспарентноста имаат претпријатијата основани од Владата отколку оние основани од единиците на локална самоуправа. Претпријатијата основани од Владата напредувале од 39 % во 2020 на 51 % во 2022 година, додека општинските јавни претпријатија напредувале од 43 % во 2020 година на 46 % во 2022 година.
- Сепак, напредокот остварен кај претпријатијата основани од Владата не е на очекуваното ниво ако се има предвид дека, на почетокот на 2021 година, од Владата најавија дека финансиските извештаи на претпријатијата во државна сопственост нема да бидат разгледувани од страна на Комисијата за економски систем доколку конкретното претпријатие на својата официјална веб-страница не ги објавило сите 22 групи на документи и информации, коишто се задолжителни согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и со Стратегијата за транспарентност на Владата на Република Северна Македонија
Повеќе за истражувањето можете да прочитате на македонски и англиски јазик.
За повеќе информации, ве молиме, контактирајте го Центарот за граѓански комуникации на (02) 3213-513 или на center@ccc.org.mk.


