СООПШТЕНИЕ ЗА ЈАВНОСТА
Денеска, 30 април 2026 година, Центарот за граѓански комуникации ги објави препораките за подобрување на финансиските трансфери од Владата за инфраструктурни проекти на општините за обезбедување фер, одржливо, транспарентно и предвидливо финансирање на локалниот развој.
Препораките произлегуваат од неодамнешното истражување на владините трансфери за инфраструктурни проекти во општините во пресрет на последните локални избори кое покажа слабости во планирањето, распределбата и јавните набавки за овие проекти. Оттука, се препорачува:
- Да се ревидираат и да се засилат правилата за заштита на јавните ресурси во предизборните периоди, со воведување на поригорозни правила за трошење и за промовирање јавни проекти.
- Изградбата и подобрувањето на локалната инфраструктура треба да се заснова врз предвидлива политика и стратешко, повеќегодишно планирање и трошење според среднорочна буџетска рамка – независно од изборните циклуси.
- Повеќегодишните проекти треба да имаат обезбедено стабилно и обврзувачко финансирање, со цел намалување на ризиците за одолговлекување и незавршување на проектите и загрозување на финансискиот кредибилитет на општините.
- Да се гарантираат еднаков пристап и правична распределба на средствата за сите општини и жители, земајќи ги предвид и индикаторите за регионална, развојна и социјална рамнотежа.
- „Развојноста“ на проектите треба да се вреднува според нивното реално влијание, одржливоста и социо-економските ефекти, а не само според времетраењето на финансирањето.
- Да се зголеми транспарентноста за доделувањето и за спроведување на проектите, преку јавно објавување на оценките од евалуацијата на проектите, на причините за прифаќање и за одбивање на апликациите, одобрените, договорените и исплатените износи, напредокот во реализацијата, спроведувањето на јавните набавки за проектите и ревизорските извештаи.
За повеќе информации, ве молиме, контактирајте го Центарот за граѓански комуникации на (02) 3213-513 или на center@ccc.org.mk.
Препораките може да го преземете на македонски, албански и англиски јазик
Проектот „Фер трошење за фер избори: Следење на јавните набавки на општините во изборната година“ спроведуван од Центарот за граѓански комуникации. Овој проект е субгрант добиен во рамки на „ЕУ поддршка за Граѓански ресурсен центар – фаза 2” финансиран од Европската Унија. Содржината на соопштението е единствена одговорност на спроведувачот на проектот и не мора да ги одразува ставовите на Европската Унија и на Граѓанскиот ресурсен центар.




